На 10 март 2017-та година, пред точно еден месец Каљари објави дека на проба во нивниот клуб дошол севернокорејскиот напаѓач Хан Кван Сон. Во 2014-та година Сон го освоил Купот на Азија за играчи до 16 години, а годинава настапи за својата татквоина на Светското првенство У-17.
Како што тогаш соопшти клубот, Сон кој неодамна наполнил 18 години е фудбалер кој одлично игра со двете нозе, има одлично чуство за гол, добар дриблинг и ја разбира играта. На 14 март Хан дал гол со ножички за младинците на Каљари на престижниот меѓународен турнир во Виареџо кога Сардинијците ја победиле Парма со 4:1.
Од тој момент Хан бил прекомандуван во првиот тим а веќе на 19 март бил на клупата за мечот против Лацио. На 2. април Хан дебитирал во Серија А кога ги одиграл последните пет минути од мечот Каљари - Палермо и стана првиот Азијат во историјата на Каљари и прв фудбалер од Северна Кореја во историјата на Топ 5 лигите (Англија, Германија, Шпанија, Италија и Франција).
Во неделата Хан по втор пат настапи во Серија А и одигра 14 минути против Торино (влезе во 81’) и даде гол во судиското продолжение во 95’ минута за 2-3.
„Лудо му се радувам на првиот гол во Серија А. Благодарен сум им на навивачите, на тренерот и на соиграчите. Во Каљари се чуствувам прекрасно. Кој ми е омилен играч? Па, Кристијано Роналдо“, изјавил новиот вундеркинд во италијанската лига.