Во Европа можеби недоволно го ценеа неговиот квалитет, а Карлос Тевез не го бакнуваше грбот на дресот за екипите во кои играше на Стариот континент.
Карлос Тевез не падна под импресии кај Сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, кај нафтените долари на Етихад во Манчестер Сити или од шмекот на Јувентус во Италија. Едно заедничко со сите овие клубови е што Тевез гинеше за нив, но имаше само една љубов - Бока Јуниорс.
Во Европа Карлос Тевез пожртвувано се бореше за секоја топка, редовно беше најдобар стрелец во најдобрите лиги и го почитуваше секој тренер. Во секој клуб Карлос Тевез играше одлично и го оправда секој цент вложен во него. Освои доста трофеи во Европа и реши повторно да заигра фудбал со детската радост во која парите не се толку важни.
Минатото лето, по завршувањето на сезоната, Карлос Тевез ја потресе фудбалска Европа со одлуката да се врати во Бока Јуниорс и тоа на една година пред истекот на договорот со Јувентус. Никој не успеа да го убеди, ниту Дел Пиеро, ниту Недвед, ниту Ањели.
Финансиски моќните клубови се обидоа да го примамат со многу пари, но Карлитос ги одби сите. Му се заблагодари на големиот пријател Чоло Симеоне кој го молеше да дојде во Атлетико Мадрид, одби 12 милиони евра годишно за 3-годишен договор од ПСЖ и цврсто реши да се врати дома. Доколку си подал рака со Кинезите и потпишел договор во оваа земја, Тевез би се израмнил со Лионел Меси по годишната заработка.
„Еден кинески клуб ми понуди 20 милиони евра за една година. Но кога знаете што сакате и кога главата ви е бистра, тогаш парите не се важни. Што пропуштив поради желбата да се вратам во Бока Јуниорс? Гајле ми е. Важно ми е што добив, а добив среќа“, изјави Тевез гостувајќи во една ТВ емисија во Аргентина.
Со оваа изјава, Тевез им одржа лекција на разните легенди кои упорно инсистираат на љубовта кон поранешните клубови, но послатки им се парите на Блискиот Исток, во Кина, Америка и Австралија. Тевез е уште поголем што не се шверцува на теренот како што прават ветераните кога ќе се вратат дома, туку во Бока дојде по најдобрата сезона во неговата кариера со Јувентус.
„Секој ден патувајќи низ Европа сонував како се враќам на Бомбониера. Ја сакам Бока и многу ми беше тешко да ја гледам како проаѓа низ криза и се мачи. Затоа решив да ѝ дадам рака и да ѝ помогнам. Навивачите ме обожуваат, но ако нешто зафркнам знам дека ќе бидам и најкритикуван. Затоа се трудам да бидам пример, прв да доаѓам на тренинг, да внимавам како се однесувам. Тешко ми е сега што е Јуве во криза. Давав сè од себе кога играв за Јувентус. Дел од срцето ми остана тамо. Пирло играше како дечко од 18 години, Буфон исто. Тие се светска класа“, констатираше Карлос Тевез и ја зачуди Аргентина и светот.