Французинот Марк Роже долго време беше човекот кој раководеше со договорите на најголемите француски фудбалери од Лоран Блан па до Макелеле и Виера. Подоцна стана дел од управата на швајцарскиот Сервет а оттаму беше осуден на затворска казна од 18 месеци поради незаконско работење.
Денес, Марк Роже има 52 години, се обидува да се врати на фудбалскиот колосек, а во меѓувреме објави книга на сеќавања за славните денови од кариерата менаџер.
Меѓу расказите од книгата кои ги сподели со Л'Екип, Роже пишувал и за полуфиналната вечер во Лигата на шампионите меѓу Нант и Јувентус со Дешамп во 1993. година. Во Торино, во фоајето на хотелот Палас, менаџерот Роже околу 1 часот после полноќ здогледал „згодна и атрактивна црна девојка која чека лифт“. Менаџерот љубопитно прашал на рецепција која била девојката и му одговориле дека е на повик за да ги релаксира судиите на мечот.
Уште не се знае кој ја викнал девојката, но ако се знае дека Лучано Моџи беше алфа и омега на Јувентус во тоа време, тогаш одговорот на ова прашање е и повеќе од јасен.
Францускиот менаџер по мечот Јуве - Нант останал во Торино и бил сведок на трансферот на Зинедин Зидан во Реал Мадрид. Според него, првата понуда на Кралевите била 67 милиони евра, и Лучано Моџи со син му решиле да побараат уште 7 милиони затоа што знаеле дека Реал е спремен да плати колку треба.
Роже раскажува и како успеал да го извлече Макелеле од Селта Виго и да го продаде во Реал Мадрид.
„За да ги присилам луѓето од Виго кои не сакаа да слушнат, го натерав Клод да го оштетиме неговиот автомобил и да пријавиме во полиција дека не се чувствува сигурен тука и сака да замине“, вели Роже кој подоцна ќе заврши во затвор поради финансиски малверзации во швајцарскиот Сервет.
Сега сака да се врати во фудбалот, можеби во втора лига во Англија каде го викал некој руски инвеститор. „Иднината е тука, во Англија каде последнопласираниот клуб има подобар буџет од Марсеј“, вели Роже. Доволен буџет да донесе нов фудбалер, на овој или оној начин.