Продолжување на големата династија - за Милан дебитираше син му на Малдини, внук на Чезаре

Конечно се случи тоа што многумина го очекуваа - настан кој ќе се памети засекогаш, особено меѓу навивачите на еден од најтрофејните клубови во историјата.

После 3.888 дена откако Паоло Малдини ја заврши играчката кариера во неговиот сакан Милан, за овој клуб одново игра фудбалер со презиме Малдини.

Во неделата за екипата предводена од тренерот Пиоли заигра Даниел, најмладиот син на техничкиот директор и некогашен капитен на Милан Паоло Малдини.

Даниел Малдини е и внук на Чезаре Малдини, поранешен капитен на Милан и икона на италијанскиот фудбал.

18-годишниот Даниел на мечот против Верона (1:1) влезе во игра во самиот финиш, на 3 минути пред крајот. Тој успеа да има еден контакт со топката, но доволно да ги собере аплаузите од цел „Сан Сиро“ кој беше исполнет до крај.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

02.02.20

A post shared by Daniel Maldini (@dani.malda) on

„Сонував за ова, но разочаран сум од резултатот. Дебито ми беше цел која си ја поставив пред себе. Сега се надевам ќе продолжам во ист дух. Чувствував силни емоции, но татко ми ме смири“, изјави Даниел Малдини по мечот на кој Милан пропушти да ја продолжи неверојатната серија од 5 победи по ред по доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ во екипата.

„Способен дечко е, има талент, но само талентот не е доволен. Се надевав дека може да ја има топката во посед“, рекол тренерот Пиоли после мечот.

Неколку интересни податоци од големата династија Малдини:

- Даниел Малдини е првиот играч на Милан кој дебитирал во Серија А а е роден во 2000-те години;

- Даниел дебитираше на 02.02.2020 година во меч од 22 коло. Ова се случи цели 36 години по дебито на татко му и цели 66 години по дебито на дедо му. Паоло додуше дебитираше многу порано од син му, на возраст од 16 години и шест месеци.

- Три генерации Малдини одиграле вкупно 995 меча во Серија А: Паоло 647, Чезаре 347.

- Шест од седум пехари во Лига на шампиони се освоени со еден Малдини во составот (Паоло 5 трофеи, Чезаре 1) и 11 од 18 шампионски скудета во Италија (Паоло 7, Чезаре 4).

- Договорот на Даниел Малдини со Милан важи до 2024 година.

За жал, Чезаре Малдини не дочека да го види дебито на омилениот внук. Легендарниот италијански фудбалски тренер почина во 2016-та година. Паоло има и постар син - 23 годишниот Кристијан кој некако не изгради успешна кариера. Кристијан исто е играч на Милан, но во моментов игра како поајмен во четвртолигашот Про Сестро.

„Даниел е првиот фантазиста (играч од среден ред) во семејството. Тој е треквартиста (плејмејкер, полушпиц), прав голгетер. Се наоѓам себе во неговиот карактер. Децата се на мене каков што бев јас на татко ми кога почнував“, рекол Паоло Малдини, иконата на Милан.

Интересно во 2019-та година Даниел дебитираше за младинската репрезентација на Италија. По мајка му, моделот Адриана Фоса, тој има право да настапува и за репрезентацијата на Венецуела.

3 февруари 2020 - 10:55