Несреќникот кој се обидел да направи фудбалска професионална кариера и да каже „збогум сиромаштијо“ се вика Грегоар Акселрод. Тој пред 20 години имал план да успее како фудбалер, ама го откриле навивачите.
Акселрод бил член на ПСЖ, ама не оној кој ја декласираше Барселона на гости 1:4, туку петтолигашот, па со помош на името, идентично како славниот клуб почнал да лаже уште додека бил средношколец.
Прво почнал да фалсификува извештаи од натпревари и успеал да рашири дека всушност е дел од резервите на ПСЖ, по што станал славен во школо.
До толку мамел што ги крадел и статистиките за Николас Ањелка кој во тоа време играл за ПСЖ. Го бришел неговото име и го пишувал своето.
Упорниот Французин успеал некако да влезе во Паркот на Принцовите, се сликал во дрес на ПСЖ и се пофалил дека станал член на првиот тимот. Така почнал да билда CV и да се нуди на други европски клубови.
Почнал од Англија и барал да оди на проби во Челси, Арсенал и Манчестер Сити, но англиските гиганти го одбиле. Пробите му успеале во Свиндон, Норич и Бурнмут пред кои и не се покажал баш.
Во 2009-та одбил да игра во Луксембург, бидејќи добил можност да оди на проба во ЦСКА Софија. Било договорено да потпише тригодишен договор за месечна плата од 20.000 евра, но сè од тоа му пропаднало.
„Бев два дена на проба во ЦСКА и тренерот му рекол на мојот агент дека сакаат да ми дадат договор. Дури и се сликав во дрес на ЦСКА и потпишав. Но тие објавија дека сум ново засилување и дека сум поранешен играч на ПСЖ. Тогаш ме открија навивачите на ПСЖ и му напишале писмо на клубот дека прв пат слушаат за мене. Кажале дека сè сум лажирал и дека треба да ја погледнат мојата веб страна. Таму имаше некои вистински видеа како она од Свиндон, но сè за ПСЖ беше лага. Новинарите ме распнаа на крст и открија дека сум лажго. Наредниот ден ги спакував куферите и си заминав“, изјави Акселрод.
Тој бил во облаци што конечно му успеала измамата и што ќе заработи многу пари, но планот му се срушил кога на страната на ЦСКА се појавило прашање
Навивачи на ПСЖ, ја препознавате ли оваа ваша поранешна ѕвезда?