Претседателот на Фенербахче во клинч со навивачите

Во турскиот фудбал, особено на дерби, не се знае кој пие, кој плаќа. Па вие најдобро да се договарате нерешено да ги играте овие натпревари за да останете читави.

Фенербахче синоќа загуби дома од Галатасарај 1:3 по пауза од 20 години, чисто како еден кус и сосема доволен вовед за да сфатите зошто настана овој хаос на стадионот Шукру Сараџоглу.

Нема потреба уште да објавуваме видеа од навивачи како дома кршат телевизори кога ќе доживеат пораз во дерби, тоа се знае. Овој пат да пренесеме нешто од стадион.

Таму во главна улога во кадар е претседателот на Фенербахче Али Коч кој со сиот памет скокна од ВИП ложата во толпата на навивачи. Чуму?

Снимкиве и не се потврда за тоа како почнале овие турканици и зошто воопшто првиот човек на Фенербахче скокна во публика. Има две сценарија:

Првото е дека скокнал да се пресмета со сопствените навивачи кои незадоволни од поразот го пцуеле и скандирале да се поднесе оставка, а второто е дека само се повлекол преку скратен пат.

Тензиите и турканиците продолжиле и во подтрибинскиот простор.

Инаку и на терен имаше тензии кои поминаа со по еден црвен картон на двете страни.

Што се однесува до мечот Фенербахче поведе од пенал во 21-ва, но Галатасарај направи целосен пресврт, а меѓу стрелците беше и Радамел Фалкао исто од пенал за резултат 1:2 во 80-та. 

24 февруари 2020 - 07:59