Пред тринаесет години Јулиан Нагелсман, тогаш не баш крајно перспективен фудбалер, играше за Аугзбург, клуб во тоа време прва сериозна тренерска станица на Томас Тухел.
Поради повреда на коленото од која не можел да се опорави лесно, Нагелсман решава да ја батали играчката кариера и да заплови во тренерски води.
Во еден момент тренерот Тухел, свесен за огромниот оперативен потенцијал на Нагелсман, му нуди работа скаут. Нагелсман извесно време скаутира за Аугзбург и напоредно учи за тренер.
Прва сериозна работа добил во Хофенхајм каде почнал со кадети и младинци па стигна до првиот тим. На чудесен начин овој најмлад тренер во историјата на Бундеслига (роден 1987-ма година), го однесе Хофенхајм до трето место во Бундеслига и пласман во Лига на шампиони.
Тоа беше доволен сигнал за луѓето од богатиот Лајпциг лани во 2019-та година да искешираат доволно за Јулиан Нагелсман да стане нивен тренер.
„Да, добив шанса да бидам скаут и да ги анализирам противниците. На Томас (Тухел) му се допадна мојата работа. Тоа беше прв чекор на мојот уште актуелен тренерски пат. Среќен сум што тогаш така одлучив. Но никогаш не можев да предвидам дека ќе стигнам до полуфинале на Лига на шампиони како главен тренер и дека ќе играм против Томас Тухел“, вели Нагелсман во пресрет на полуфиналето на ЛШ кое се игра без публика како и сите досегашни дуели по рестартот.
А Тухел додава:
„Му бев тренер на Јулиан во Аугзбург и после повредата тој правеше сјајни анализи на нашите противници. Многу млад тренер и веќе има голема кариера. Сега е наш противник и тоа со многу силна екипа. Голема работа е што во полуфиналето на ЛШ имаме дури три германски тренери (Тухел, Нагелсман, Ханси-Флик)“, констатира предводникот на ПСЖ кој за вечерва ќе може да смета и на Нејмар и на Мбапе и на Икарди.
Во второто полуфинале, во среда се игра уште еден француско-германски дуел: Баерн ќе игра против Лион.