Поранешен претседател на Реал Мадрид ја загуби битката со Ковид 19

Лоренцо Санц, кој беше прв човек на кралскиот клуб во периодот од 1995 до 2000 година, почина вечерва на 76 години во мадридската болница како последица од коронавирусот.

Екс претседателот на Реал беше хоспитализиран неколку дена откако качи температура, но состојбата му се влошила и поради проблеми со инфекција на бубрезите не успеал да го победи коронавирусот.

76 годишниот Санц лежел на интензивна нега и се зборува дека имал осум дена температура, но лекарите не успеале да го спасат.

Тој стана претседател на Реал Мадрид во 1995-та година и на клубот му донесе две титули во Лига на шампиони. Прво во 1998-ма после пауза од 32 години и потоа во 2000-та. Во финале беа поразени Јувентус и Валенсија.

За време на своето владеење донесе играчи како Роберто Карлос, Кларенс Сидорф, Давор Шукер и Предраг Мијатовиќ, а на клупа го ангажираше Фабио Капело.

Но и покрај две врвни достигнувања во клупскиот европски фудбал, не успеа да ги покрие финансиските проблеми и на претседателските избори после втората титула во 2000-та загуби од Флорентино Перез.

Веста за неговата смрт ја соопшти неговиот син Фернандо, кој беше играч на Реал 1996-1999, а потоа кариерата ја заврши во Малага каде настапуваше седум години.

21 март 2020 - 22:51