По 11 изминати кола во Серија А, Милан го има петтиот најслаб напад. Полоша реализација од нив имаат само Бреша со 10 гола, Верона (9), Удинезе (8) и Спал и Сампдорија со по (7). Просто човек да не верува.
11 кола, 11 гола, 11-то место со 13 освоени бодови и 18 бодови заостанување за лидерот Јувентус. Многу, многу лоши бројки за седумкратен европски првак кој не личи на себе. А сега за нивниот напад, кој како да ви кажеме.
Пјонтек, Сусо и Леао како ударна тројка на Милан оваа сезона (Ребиќ има премала минутажа за да го сметаме) имаат постигнато, знаете колку гола? 5. Со букви, пет гола на 11 меча. Беда.
Тука се вклучени два пенали на Пјонтек против Верона и Торино и еден гол од игра против Лече, бескорисна мајсторија на Леао против Фиорентина од која загубија 1:3 и еден и единствен погодок на Сусо за победа против СПАЛ. Толку.
Споредбено со ланска сезона тоа е половина помалку. Сусо, Игуаин и Кутроне по 11 кола имаа 10 гола. Сезона 2017-2018: 9 гола на Сусо, Калиниќ и Кутроне. Сезона 2016-2017: 10 гола на Бака, Нјанг и Сусо. Сезона 2015-2016: 9 гола на Бака, Луиз Адриано и Балотели.
И покрај тоа што Милан во последниве неколку сезони е далеку под нивото кое го очекуваат навивачите, сепак немало полош старт од овој сезонава. Колку толку подобро им одело во напад.
Во ваква тешка и специфична ситуација за клубот, неблагодарно е да се копа во минатото, особено во најславните денови, затоа ќе споменеме само еден податок и тука ќе застанеме.
Во сезоната 1992-1993, тројцата тогашни напаѓачи на Милан по 11 кола имале постигнато 19 голови. Ван Бастен 12, Гулит 4 и Масаро 3.
Како ли ќе најде решение Пиоли за овој проблем, кој знае, особено ако што следно коло му гостуваат на Јуве, а потоа го пречекуваат Наполи.