Полската репрезентација не може да се пофали со некои успеси на големите натпреварувања. Најдобрите резултати во нивната историја се забележани на Мундијалот во 1974 година, како и на Европското во 1982, каде и на двата турнира го освои третото место.
Со оглед на моменталната ситуација на табелата во квалификациската група за Светското првенство во 2014 година, далеку е од тој елитен собир затоа што по 4 кола има само 5 бода, а за пласман на Мундијалот претендираат Црна Гора која има 13 и Англија со 11 бода.
Но и покрај тоа, Пољаците постојано вадат по некој талент кој го привлекува вниманието на скаутите кои работат за големите клубови. Последниот од нив е Мариус Степински кој како и неколкуте успешни полски фудбалери, можно е за краток период да заврши во Бундес лигата.
Младиот талент на полскиот фудбал минатата година ја однесе Полска до полуфиналето на Европското првенство за играчи до 17 години, каде загуби од Германија минимално со 1:0. Веќе дебитираше како најмлад играч во првата полска лига за тимот на Видзев Лодс со 17 години и два месеци.
Го сметаат за голем потенцијал на европскиот фудбал со добра техника и одлична снаодливост пред головите. И покрај годините за брзо време ја прескокна селекцијата за фудбалери до 19 години и веќе е дел од репрезентацијата за играчи до 21 година, за која пред два дена постигна два гола на мечот против Литванија на кој Полска славеше со 3:0.
Големите таленти на полскиот фудбал многу често прават трансфер во германското првенство каде во моментов настапуваат 8 полски играчи, од кои тројца во Борусија Дортмунд. Според гласините токму Борусија и Баерн Минхен се најзаинтересирани за неговите услуги, исто како и Реал Мадрид и Зенит.