
Пол Погба летово од Манчестер Јунајтед се врати во Јувентус каде ги имаше најдобрите денови од својата кариера. Францускиот фудбалер од среден ред веќе долго време беше на удар на навивачите на Манчестер поради очајните партии.
А сега Погба е во фокусот за случувања надвор од теренот.
На друштвените мрежи е објавено видео на кое неговиот постар брат Матијас Погба (32) најавува „големи откритија“ за својот 29-годишен брат кој по втор пат ќе игра за Јувентус.
Матијас Погба ја шокирал француската јавност откако рекол дека целиот свет, Јувентус и спонзорите заслужуваат да дознаат одредени работи со цел да бидат запознаени за фактите и да решат дали Пол Погба навистина заслужува почит и таков третман каков што има.
„Мислам дека тоа што имам да го кажам ќе заинтересира многу луѓе. Ќе кажам и работи за Килијан Мбапе, фудбалската ѕвезда и ќе има елементи и докази кои ќе ги потврдат моите зборови. Се ова ќе биде експлозивно и ќе направи многу голема врева“.
Според Асошијетед Прес, наводно Матијас Погба и некои други лица барале од Пол Погба 13 милиони евра ако сака да не го оцрнат и да прошират компромитирачки снимки од него.
Во меѓувреме Погба излезе со соопштение кое го потпишале тој, мајка му Јео Мориба која му е и адвокат како и познатиот агент Рафаел Пименто.
„Неодамнешните изјави на Матијас Погба на социјалните мрежи, за жал не се изненадување. Тие се освен закани уште и обид за изнуда од страна на организирана банда. Надлежните органи во Италија и Франција се известени пред еден месец и веќе нема да има коментари во врска со истрагата која е во тек“, стои во соопштението.
Пол Погба летово се врати во Јувентус но на еден тренинг го повредил коленото на десна нога па го чека подолга пауза пред второто деби за бјанконерите.