Се претпоставуваше, а сега е официјално, Реал Мадрид Кастиља (втората екипа на Кралскиот клуб) уште една сезона ќе игра во Сегунда Б, третата шпанска лига во која испаднаа лани.
Екипата која му ја доверија на Зидан тргна лошо, 5 порази, само 3 бода од вкупно 18 во првите 6 кола и последно место со -13 бодови зад лидерот. Следуваше победничка серија, само еден пораз во следните 16 кола и Реал Мадрид Кастиља стана убедливо прв на 25. јануари. Зидан ја доби поддршката и ги одби нападите дека бил незрел за тренер.
На 22. јануари, Реал Мадрид еуфорично го најави доаѓањето на 16-годишниот Мартин Одегард. Неверојатна фама за момчето чија презентација во живо ја пренесуваа два норвешки тв канали. Идејата беше Одегард да тренира со првиот тим, а да игра за Кастиља.
Тоа како да им засмета на соиграчите на Одегард, кои веднаш отворија случај. Капитенот на вториот тим, Серхио Агуза, прашан да прокоментира за новата аквизиција на клубот изјави:
„И јас би сакал да заработувам како Одегард. Тој зема повеќе од Хесе и речиси колку Иско“.
Малиот Мартин ужива разни привилегии во клубот, во кој дојде откако ги посети седумте најголеми европски фудбалски храмови. Игра само преку викенд за Кастиља, соиграчите не го познаваат, а не ги познава ни тој нив.
Не е коректно целата одговорност да ја сноси Одегард, пишуваат шпанските медиуми, но бројките се разочарувачки. Мартин Одегард дебитираше за Кастиља на 8. февруари. Во овие три месеци одигра 10 натпревари а билансот му е: Една победа, 4 нерешени и дури 5 порази. Само еден постигнат гол.
Екипата на Зизу падна од првото на деветто место и лидерската позиција сега им бега цели 13 бодови, а од плејофот се оддалечени 5 бодови на коло до крајот.Во последните три месеци, Кастиља победи само на три натпревари: Два без Одегард.
Вундеркиндот стартуваше во неделното реми на Реал Мадрид Кастиља со Гвадалахара: