Без разлика на тоа што не играат Франција и Шпанија, континенталниот шампионат ќе биде собир на талентирани фудбалери кои вредат десетина милиони евра. Вниманието ќе биде насочено кон десет фудбалери, кои веќе наголемо играат на европската фудбалска сцена со помал или поголем успех.
КЕЈН (Англија, Тотенхем)
Најпознатиот фудбалер на ЕП У-21 на своето деби во Премиер лигата даде гол за само 78 секунди. Познат под прекарот Ураганот, Хари Кејн ја започна кариерата во Арсенал а сега е симбол на Тотенхем. Втор најдобар стрелец во Англија и втор најдобар играч минатата сезона во Премиер лигата. Со Берахино во тандем, Кејн е потенцијална опасност за секој голман. Неговата Англија е во група со Италија, Португалија и Шведска а првиот меч го игра утре против Португалија од 20:45.
ТЕР ШТЕГЕН (Шпанија, Барселона)
Високиот и крупен Германец во Чешка доаѓа со од триплетата освоена со Барселона. Во Бундеслигата дебитираше на дербито против Келн и од тогаш не се мрдна од голот. Прав наследник на Мануел Нојер.
БЕРАРДИ (Италија, Сасуоло)
Една статистика кажува дека во првите две години во Серија А, Доменико Берарди постигнал повеќе голови од Лео Меси во првите две сезони во Ла Лига. Левучар со одлична смисла за игра и предводник на Италија до 21 година.
ГВИДЕТИ (Шведска, Манчестер Сити)
Џон веројатно е највозрасниот на оваа ТОП10 листа. Има измешани гени како Бразилец, Италијанец и малку Швеѓанец кој израснал во Кенија а сега игра за Шведска.
ЈОЈИЌ (Србија, Борусија Дортмунд)
Србинот од Дортмунд даде гол на дебито во Бундеслига по само 12 секунди откако влезе во игра. По тоа е поуспешен и од Хари Кејн. Одличен во играта еден на еден, а уште подобро изведува слободни удари. Не се наигра во Дортмунд минатата година и Европсково првенство може да му биде прилика за напредок во кариерата.
КАДЕРАБЕК (Чешка, Спарта Прага)
Павел Кадерабек е најпознато име во чешкиот состав, кој е прилично мистериозен. Кадерабек е десен офанзивен бек, четири години беше член на Спарта Прага со која веќе играше Лига на шампиони а денес потпиша договор со германски Хофенхајм. Обратете внимание на неговите продори и одлични центаршутеви.
ФИШЕР (Данска, Ајакс)
Иако отсуствуваше дури 14 месеци поради повреда, Виктор Фишер и натаму има страшен инстинкт за гол. Важи за брз напаѓач а милениците на играта Фудбал Менаџер често ја потенцираат неговата оценка 20 за finishing. Постигна три гола на последните 2 меча во холандското првенство и најави дека во Чешка доаѓа во одлична форма.
МАКС МЕЈЕР (Германија, Шалке)
Уште нема полни 20 години, а веќе е најбараниот млад фудбалер во Европа. Го постигна решавачкиот гол за Шалке против Марибор во групната фаза од ЛШ кога Германците се пласираа во осмина-финалето. Тој е главен адут на Германија која има високи амбиции на ова Европско првенство. Дебитираше и за сениорската репрезентација.
СТУРАРО (Италија, Јувентус)
Стефано Стураро беше на клупата на Јувентус за финалето во ЛШ минатиот месец. Често е верна сенка на Пол Погба и се гледа како негова замена доколку Французинот замине од Јувентус летово. Алегри за него изјави дека не видел толку интелигентен фудбалер, а Стураро би можел да биде клучен за Италијанците како што беше Марко Верати пред две години.
ВИЛИЈАМ КАРВАЉО (Португалија, Спортинг Лисабон)
Познат како фудбалер кој подобро ја изведува Рабоната дури и од Анхел Ди Марија. Вилијам Карваљо изгледа доминантен дури и кога игра со сениорите. Одраснат во Ангола, игра за Португалија за која настапи и на Мундијалот во Бразил. Вреди 30 милиони евра и Спортинг нема намера лесно да се откаже од него, а ни тој од Лисабон.
Типувајте ги натпреварите од ЕП У-21 на Типстер, се ближи крајот на сезоната на Типстер. За термините на сите мечеви тука.