Почина легендарниот Ќиро Блажевиќ

После долго боледување, на 88 години во Загреб починал тренерот на сите тренери, легендарниот освојувач на бронзен медал на Светско првенство 1998-ма година, Мирослав Ќиро Блажевиќ.

Легендарниот хрватски тренер уште од 2011-та година се борел со карцином на простата и неколку пати победувал. Од 2019-та болеста повторно му се вратила.

Едно од последните негови појавувања во јавноста било во декември минатата година кога во Загреб ја добил наградата „Владимир Беара“ за придонес во развојот на спортска култура и друштвена толеранција.

„Се собравте во голем број и ми укажавте голема чест. Но ова е мое последно обраќање во јавноста на еден јавен собир. Готово е. Нема веќе. Адио Чиро. Ги бројам последните денови, свесен сум за тоа“, рекол Ќиро кој откако ја примил наградата немал веќе сили да разговара со медиумите.

ЌИРО БЛАЖЕВИЌ (1935-2023)

Блажевиќ е роден на 10 февруари 1935-та во Травник, а во една прилика истакнал дека татко му Мато тогаш малку подолго се задржал во кафена па на матичар го запишал подоцна.

Играчката кариера Ќиро ја почнал во далечната 1954-та година во Братство Травник. Потоа се сели во Динамо, а во 1955-та заигрува за загрепска Локомотива. По извесен период се враќа во Босна каде ја задолжува опремата во ФК Сараево чиј член е до 1958-ма.

Во кариерата настапувал уште и за Ријека и за швајцарскиот Сион.

Тренерскиот занает го започнал во нисколигашот Вевеј во Швајцарија, а во следните 19 години со голем успех водел клубови во Швајцарија, Хрватска, Грција, Словенија, БиХ, Иран и Кина. Беше селектор на дури пет репрезентации: Швајцарија, Хрватска, Иран, БиХ и Кина У-23.

Најголеми успеси во тренерската кариера му е шампионската титула со Динамо Загреб во силната југословенска лига во 1982-ра, и секако бронзата на Светското првенство 1998 кога како селектор ја предводеше Хрватска до огромен успех.

Во една прилика изјавил дека титулата од 1982-ра со Динамо му е најдрага. „Динамо 82 е на прво место, па ништо друго, па моите Ватрени“, рекол Чиро на премиерата на документарниот филм за него.

Ќиро повеќе од 60 години бил во брак со сопругата Зденка со која има три деца, синот Мирослав Јуниор и ќерките Барбара и Катерина.

8 февруари 2023 - 08:52