Давиде Астори утрово бил пронајден мртов во хотелот каде престојуваше Фиорентина која денеска од 15 часот требаше да одигра натпревар против Удинезе во рамките на Серија А.
За неговата смрт играчите на клубот дознале околу 9:30 часот откако не се појавил на појадок, по што отишле да го побараат во собата каде спиел сам. За сега не се познати официјалните причини за смртта и се претпоставува дека е срцев удар во прашање.
Италијанскиот дефанзивец кој има 14 настапи за репрезентација, 8 години го носеше дресот на Каљари (2008-2016), за кој дебитираше во Серија А. Трагичната вест за нивниот поранешен член стигна додека се загреваа во пресрет на гостинскиот дуел против Џенова кој требаше да се игра од 12:30 часот.
Претседателот на тимот од Сардинија веднаш побарал да се одложи мечот, а со тоа се сложиле и играчите на двете екипи. На видео бимот на семафорот се појави слика од фудбалерот, а публиката му оддаде почит со аплауз и го напушти стадионот.
Комесарот на лигата, Џовани Малаго одлучи да се одложат сите денешни натпревари од 27. коло од Серија А и Серија Б.
Давиде Астори е продукт на Милан каде почна да се кали како младицен во 2001-ва година. По долгогодишниот стаж во Каљари настапуваше по една сезона како позајмен играч во Рома и Фиорентина, која во 2016-та го откупи целосно.
За селекцијата на Италија дебитираше на пријателскиот меч против Украина во Киев на 29 март 2011-та, откако влезе на местото на Кјелини. Пред две недели стана татко.
„Одложете сè, срцето на секој навивач денеска е згаснато“, напиша еден од многуте навивачи кои испраќаа пораки дека денеска не треба да се игра фудбал.