Победникот бара преигрување заради фер-плеј

До сега невиден пример на фер-плеј потег во фудбалот. Челниците на женскиот фудбалски клуб Лион им понудија на нивните колеги од Монпеље преигрување на полуфиналниот дуел од купот кој тие го добија затоа што судијката го уништи натпреварот.

Финалистот во женскиот Куп на Франција беше одлучен откако фудбалерките на Лион ги победија колешките од Монпеље по изведување на пенали, но сепак челниците на Лион понудија овој натпревар да се преигра заради грешка на главната судијка.

Грешката се случи при изведувањето на пеналот на фудбалерката на Монпеље, Руми Уцуги. По изведувањето на пеналот, судијката и нареди да шутира одново затоа што топката се помрднала.

Во вториот обид Уцуги повторно ја совлада противничката голманка откако топката удри во стативата и заврши во мрежата, но од необјасниви причини судијката реши да го поништи и овој гол, а на крајот Лион победи со 6:5.

Фудбалската федерација на Франција денес ќе ја донесе одлуката дали овој натпревар ќе се преигра.

16 мај 2013 - 11:32