Пеле до Марадона: Ти беше гениј кој го маѓепса светот

Една недела по неговата смрт, светот уште се испраќа со Марадона. Не било вака за друга спортска личност. Човекот со кој ја поделија наградата за играч на 20-ти век според ФИФА, му напиша писмо.

Пеле на Марадона му напиша дека еден ден ќе играат заедно и дека тогаш за прв пат ќе ги крене рацете во воздух, не поради прослава за гол, туку за да го гушне.

„Денеска поминаа седум дена откако си замина. Многу луѓе целиот живот сакаа да не споредуваат. Ти беше гениј кој го маѓепса светот. Волшебник со топката. Вистинска легенда. Но, пред сè, за мене секогаш ќе бидеш голем пријател со уште поголемо срце.

Денеска знам дека светот би бил многу подобар кога би можеле помалку да се споредуваме и да почнеме повеќе да се воодушевуваме. Сакам да кажам дека ти си неспоредлив.

Твој пат го одбележа искреност и на свој единствен и посебен начин не научи дека мораме многу почесто да сакаме и да кажуваме те сакам. Твоето брзо заминување не ми дозволи лично да ти кажам, па едноставно ќе ти напишам: Те сакам, Диего.

Ти благодарам многу за нашето патување мој голем пријателу. Еден ден, на небото ќе играме во ист тим. И тоа ќе биде прв пат триумфално да ги кренам рацете во воздух, а причината да не биде прослава на гол. Тоа ќе биде бидејќи конечно повторно ќе можам да те прегрнам“, напиша Пеле. 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Pelé (@pele)

3 декември 2020 - 14:23