Пеле бара втора шанса

Иако поради тешки болести докторите му рекле дека мора да и стави крај на фудбалската кариера, 30 годишниот Јоан Пеле успеа да ги победи и по три години пауза се врати на зелените терени.

Приказната за храброто и упорно момче ни доаѓа од Франција, а се работи за голманот Јоан Пеле кој додека настапувал за екипата на Тулуз добил шокантна вест дека боледува од воспаление на вените и од белодробна емболија.

Лекарите веднаш го посоветувале дека мора да ја прекине кариерата, и по 3 години повлекување од фудбалот, Пеле направил тестови кај специјалисти за белодробни заболувања во Париз кои покажале дека тој е повторно здрав.

Упорниот голман кој во својата кариера 10 години минал во екипата на Ле Ман, а потоа уште 3 во Тулуз, веќе два месеци е на проба во второлигашкиот француски клуб Дижон.

Тој со тимот ќе тренира до крајот на оваа сезона, а се надева дека од наредната ќе потпиште договор и ќе му се исполни сонот повторно да заигра фудбал.

Пред да се разболи тој бил надежен голман, но болеста го спречила да настапи во Премиер лигата. Арсенал, Тотенхем и Манчестер Јунајтед се екипите кои биле заинтересирани за неговите услуги.

28 март 2013 - 16:44