
Во Неапол замислете, во продажба има статуетка од Педро, човекот кој му даде два гола на Интер и му донесе бод на Лацио во 90-та минута.
Нерешениот резултат 2:2 ниту му одговараше на Интер кој се бори за титула, ниту на Лацио кој гризе за место во ЛШ. Ама затоа најмногу се израдува Наполи кој на едно коло до крај е прв на табела.
Радоста за головите на Педро во Неапол оди до таму, што тој е веќе јунак и светец на градот. Марко Ферињо, занаетчија и наследник на историска работилница основана во 1836-та година, му оддаде почит на шпанската легенда.
„Педро влезе во срцата на Наполитанците без да сака. Тие два гола го направија градот да експлодира. Беа клучни. И кога некој ни прави услуга, му се заблагодаруваме на наш начин“, вели Ферињо.
Во неговата работилница, симбол на традицијата на сцената на раѓањето на Исус Христос, се обликуваат неколку верзии на статуетката. На една Педро е прикажан како трча и се радува, на друга во трезвена и препознатлива поза.
„Работиме на различни пози, бидејќи секој го толкува на свој начин. Некои го гледаат како спасител, други како амајлија за среќа, трети едноставно сакаат да му се заблагодарат. Сцената на раѓањето ја раскажува сегашноста, а Педро денес е дел од нашата историја“.
Статуетката веќе почна да се продава во историскиот центар на Неапол, а продажбата сигурно ќе се зголеми, доколку Наполи в петок го совлада Каљари дома. Во таков случај, Наполи е шампион, без разлика на исходот од дуелот Комо - Интер.