Педро е најголемиот џокер во историјата на Лацио

Освои 20 трофеи со Меси, Чави, Иниеста и другарите, три трофеи со Челси, два со Шпанија и ене го на 37 години, уште игра и решава натпревари. Каков легендарен лик.

Лацио во битката за Лига на шампиони избегна срам од 16-то пласираната Парма, благодарение на големото име во тимот, ветеранот Педро кој за три месеци полни 38 години.

Славниот шпански ас влезе во 57 минута и во рок од 5 минути даде два гола за Лацио - Парма конечни 2:2.

И тоа не е ништо ново за него, бидејќи кога Педро влегува како џокер, Лацио ретко губи.

Статистиката вели дека тој е најдобриот стрелец во една сезона за Лацио со 7 гола, постигнати од клупа, во ерата на 3 бода во Серија А. Томазо Роки е втор со 6.

Инаку Педро освои две тројни круни со Барселона и е единствен играч во историјата кој има освоено Лига на шампиони, Лига Европа, Супер Куп на Европа, Светско клупско првенство, ЕП и СП.

Трката за ЛШ во Серија А влегува во пеколно неизвесен финиш. Разликата меѓу осмиот и четвртиот изнесува само 3 бода.

 

29 април 2025 - 08:28