„Крстоносците“ се враќаат. На голема радост на многу нивни навивачи кои не го оставија клубот ниту во 2015-та кога поради банкрот беа исфлрени во четвртата лига (Серија Д).
Парма лани експресно се врати во третата лига Серија Ц (Лега Про), а сето тоа беше испратено со голема поддршка од тифозите кои ќе бидат главен адут на „Жолто-сините“ и во следната сезона кога ќе ја напаѓаат Серија А.
Пред околу 7.000 навивачи на „Артемио Франки“ во Фиренца, Парма со 2-0 (1-0) ја совлада Алесандрија во финалето на плејофот и се промовираше во нов второлигаш.
Успехот на „Млекарите“ е поголем до толку ако се знае дека минаа низ пеколно тешкиот бараж за пласман во Серија Б - 2 двомеча (осмина-финале и четвртфинале) и 2 меча (полуфинале и финале). Тренерот Роберто Даверса којшто ја води Парма од декември 2016 по заминувањето на Луиџи Аполони, еден е од најзаслужните заедно со неверојатниот капитен, ветеранот Алесандро Лукарели кој во јули ќе наполни 40 години.
Лукарели е редок пример за верност во модерниот фудбал, откако пред две години реши да остане во клубот кога му беше најтешко и кога испадна во најниската дивизија. Најдобар стрелец на Парма сезонава беше некогашниот центарфор на Наполи Емануеле Калајо кој постигна 17 гола.
Финалето на баражот против Алесандрија го отвори Мануел Скавоне со ефектен гол, а Ночолини ги постави конечните 2-0 и големото славје на навивачите можеше да почне. Две години после банкротот, Парма се враќа на голема врата. Какви амбиции ќе имаат следната сезона ќе покаже актуелното лето кога екипата треба да се засили за сериозната борба за сонот Серија А.