Клубот на нашата најголема фудбалска легенда ќе се ребрендира во Академија Пандев Брера Струмица, откако 90% од акциите ги купи италијанско американската компанија Брера Холдинг.
Пандев во новата сезона најавува нова мисија и нешто ново во македонскиот фудбал со бенефит кој смета дека ќе се види после 2-3 години.
Фокусот ќе биде ставен на младинскитот погон во кој најавува дека ќе работат тренери со искуство од Јувентус, Милан и Парма, а со првиот тим ќе работи Ацо Стојков.
„Идејата е нашата школа да се врати како што ми беше мојата првична замисла, а таа беше да има само младински категории, да нема прв тим и сега со нивната помош и финансиската конструкција, младинскиот погон ќе добие многу поголемо значење.
Со нови терени, тренери, турнири во Италија, имаме преговори за турнири во Америка, бевме во Дубаи, Катар, имаме многу големи понуди за турнири и голема компанија која е зад нас. Мислам дека бенефит најмногу ќе имаат младинските категории. Сигурно дека првиот тим нема да биде запоставен, но фокус ќе биде да ја подигнеме нашата школа на многу повисоко ниво и целта ни е во првиот тим да играат што повеќе млади играчи.
Со моето искуство и познавањето на македонскиот менталитет мислам дека можам многу да помогнам на луѓето што ќе дојдат, бидејќи ќе имаме и странци за тренери, како и странски играчи. За првиот тим ќе биде задолжен Ацо Стојков.
Во проектот ни е предвидено да изградиме уште еден - два терени, бидејќи условите во Струмица не се баш најидеални, располагаме само со еден терен со природна трева, а тоа не е доволно.
Желбата ни е со младите да станеме шампиони на Македонија и да стигнеме до младинската Лига на шампиони и што повеќе играчи да влезат во првиот тим“.