Интервјуто сакавме да го почнеме со муабет од типот, од каде па жена коментатор, бидејќи кај нас речиси и да ги нема, ама тоа е Италија, а Џулија ја работи оваа убава професија од 20 години.
Блазе си и, бидејќи има чест да ги коментира натпреварите за клубот за кој навива, нема поубаво.
Тоа што го имаме како впечаток за статусот на Пандев во Џенова ни го потврди и ни кажа по што е еден од ретките во клубот. Го смета како дел од семејството.
Кажи ни нешто за твоите почетоци, како се зарази и кога почна со спортско коментирање?
Почнав пред 7 години, а пред да се посветам само на натпреварите на Џенова и Серија А, бев поканета да работам во аматерската лига за една емисија која се вика "Dilettantissimo". Потоа по еден период на стажирање во Теленорд, почнав како коментаторка на Џенова, клубот кој е мојата љубов. Работам за емисијата “We Are Genoa” и за “Stadio Gol“, емисија каде ги коментираме натпреварите во живо.
И покрај тоа што си млада, водиш ли евиденција колку натпревари си коментирале до сега?
Како што ти спомнав, веќе 7 години работам како коментатор и веќе не знам и немам евиденција колку натпревари имам коментирано.
Кој е најлудиот натпревар на Џенова кој си имале можност да го коментираш?
Се работи за сеќавање кое е прилично од неодамна, а тоа е натпреварот Фиорентина – Џенова од последното коло минатата сезона. Многу грд натпревар со внимание насочено на резултатот од средбата Интер – Емполи. Огромна беше возбудата што успеавме да се спасиме во последно коло после една таква тешка година. Во студио наздравивме со шампањ.
Што мислиш за Горан Пандев, капитенот на македонската репрезентација и какви се впечатоците од навивачите? Во Македонија Пандев е легенда. Ниту еден друг македонски фудбалер во историјата не успеал да одигра 16 сезони во Серија А и плус да освои тројна круна, како што беше онаа историската со Интер на Мурињо. Го следиме секој настап откако е во Италија, а се добива впечаток дека и во клубот го сакаат. Слушнавме како спикерот Андреа Карети урла на неговите голови, а претседателот Прециози даде две силни изјави за него, дека штом сака да игра на ЕП, може да остане во Џенова колку сака и дека Пандев за Џенова е како Роналдо за Јуве.
На Горан му се обраќам по име, бидејќи го чувствувам како семејство. Тој е додадена вредност на овој тим на Џенова со неговото големо искуство, како и неспоредлива техника. Го сметам како гаранција за тимот. Имаш право, тој е многу ценет од неговите соиграчи и навивачите и еден од ретките што го сакаат сите, вклучително и навивачите и претседателот, што не е лесно да се постигне.
Очекуваше ли вакви игри и придонес од напаѓач кој потпиша за Џенова на возраст од 32 години по една лоша сезона со само 4 настапи и 0 голови за Галатасарај во турскиот шампионат?
Повеќе од што очекував, се надевав дека ќе се врати по тешката сезона во Турција, фудбалерот кој го маѓепса Интер и не само тоа. Мислам дека во Џенова пронајде позитивен и стимулирачки амбиент и се гледа дека веќе е поврзан за дресот и градот. Се надевам дека тука може да ја заврши својата славна кариера.
Гол на Пандев кој не ти излегува од глава и кој си го коментирала со најголема страст? Мене ми текнува на три. Лобот против Верона кој влезе во топ 5 на сезоната, голот со кој го урна Јуве кога се тресеше Мараси и евроголот против Лече речиси од половина терен.
Би рекла дека веќе ги наброи најубавите кои и мене ми дојдоа во глава. Кога го постигна тој против Верона, јас не бев во студио, туку на стадион и сите од северна трибина се симнаа доле на ограда. Друг многу важен гол и пред сè многу убав е тој против Лече, кој имав среќа да го коментирам. Бевме сите маѓепсани, штета што Пандев на крај доби црвен картон.
Минатата сезона Џенова во последното коло влезе во драматична завршница и мораше да се моли на победа на Интер против Емполи за да обезбеди опстанок. Очекуваш слична драма и сега?
Се плашам дека ќе биде многу тешко за опстанок, Лече не се предава. За среќа ги победивме во директниот дуел, а потоа го добивме дербито против Сампдорија. Тоа ми дава надеж дека крајот на сезоната или барем последниот меч може да биде помалку драматичен.