Панчев: Во Вардар се избрани ликови заради нивните докажани знаења од областа на криминалот

„Во соопштението или кој враг беше тоа, има пеколно опасни индиции дека на Вардар уште еднаш му се подготвува нешто гадно. Праварантите лажно се претставиле, ја измамиле кутрата македонска спортска јавност. Сите изјави се давани од неовластени ликови кои ги нема никаде во легалните државни книги во спосокот на Вардар. Го повториле делото измама“, вели легендарниот напаѓач на Вардар

Дарко Панчев се одѕва на тема ФК Вардар после обвинувањата на Миленко Неделковски, дека токму тој е еден од оние кои го блокирале клубот.

Неделковски во подкастот FootCastMk откри дека Вардар е блокиран за 2,5 милиони евра, а потоа ги редеше луѓето за кои вели дека го блокирале клубот, алудирајќи на тоа дека Вардар останал должен кон нив по основ на плати од вкупно 51 милиони денари или 830.000 евра.

Панчев, кој беше спортски директор на Вардар додека на чело на клубот беше Сергеј Самсоненко, напиша долго писмо во кое прашува: Замислете, мое кривично дело затоа што ТИЕ имаат долг кон мене од четири милиони денари? 

Ги повикува институциите веднаш да ги прочешлаат книгите на Вардар за кои смета дека ќе наидат, како што вели на секаков вид, висок и низок организиран криминал.

Размислувал и да ги тужи, но се предомислил со образложение дека не сакал да оди по судови, односно на нивен терен на кој вели дека се непобедливи, вешти и маестрални како јагулите во Дрим. 

Соопштението на Дарко Панчев во целост:

„Кога ова лето нашиот Вардар се врати во Првата лига се разведрија за кратко фудбалските облаци на Градскиот стадион во парк. Набрзо потоа прв ситен летен дожд, но на „општо одобрување и воодушевување“ на пошироката, пред се спортска, јавност, беше објавено дека во ФК Вардар доаѓа засилување на управителските позиции во ликовите на..... Да бидам искрен се збунив малку затоа што нешто не ми беше логично. Се прашав која е поентата, која јас не ја разбирам. Во ек на најжестоките декларации дека конечно е дојдено времето за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, некакви мерит системи и така натаму, во Вардар се носат кадровски решенија кои се сосема котрадикторни на сите тие најави. За мене лично немаше логика. Освен можеби, што би било многу интелегентно, ликовите да се избрани заради нивната компетентост - широки, практични и докажани знаења од областа на криминалот. Тоа ќе да е. Се смирив.

Се редеа изминатиов период ‘резултати’, ‘успеси’, ‘се е чисто’, ‘транспарентно’, ‘нема УА’, ‘се е во ред’. Медиумите не реагираат, јавноста си молчи – ‘задоволна е’. Нирвана.

И наеднаш бум, трас, блјак. Аздисани како и секогаш, генетски лажливи, осилени и арогантни од апсолутната поддршка што со години ја добиваат од некаде, во громогласен напад врз ‘докажаните уништувачи на Вардар со Дарко Панчев на чело’. Ја знаете онаа народната „држете го....“. Директно и јавно плус завршна сметка, отчет за сработеното машки и одлучно со демократска назнака. Сега, овде и нема втор пат. Иноваторишта, нема Собрание, барем јавно (тајни колку сакаш), потписи, печати. Никако на хартија, имаат високо еколошка развиена свест. Ги жалеле дрвата од шумите во Македонија. А и за да не мора после да се крадат каси, палат или поплавуваат документи.

По дваесет години откако организирано и злонамерно ме прикажуваат како Дарко, ваков, онаков, никаков, предавник, северџан, уништувач на Вардар, сега се осмелија, се дрзнаа пред „Комитите“ да ме прогласат за крадец, криминалец, апаш и преварант - да ме поистоветат со себе си.

Замислете, мое кривично дело затоа што ТИЕ имаат долг кон мене од четири милиони денари!? И, кривично дело дека сум донел во Вардар голман од Србија без да го споменат неговото име, без да и објаснат на јавноста колкава била неговата плата во однос на другите играчи, или да прецизираат каде е грешката во неговиот трансфер!? Просто и едноставно, заради најавите за заминување на Гачевски беше донесен голман, Македонец, тоа не го кажаа. Веројатно токму затоа што зборот не смее да се спомене.

Тука ќе запрам, барем за момент. Другите поинтересни изјави опасни по клубот кои што сакаат да ги прошверцуваат подолу во текстот.

Затоа, за да нема никакви дилеми во јавноста, а и за да не го срамотиме името на нашиот ФК Вардар, кој толку многу сите го сакаме, за да се откријат легално и легитимно моите „криминали“ целосно.

Ј А В Н О

ГИ ПОВИКУВАМ, МОЛАМ, БАРАМ, ИНСИСТИРАМ, ИЛИ БИЛО КОЈ ДРУГ ЗБОР КОЈ БИ МОЖЕЛ ДА ПОМОГНЕ, И ИНСТИТУЦИИТЕ ВЕДНАШ ДА ВЛЕЗАТ ВО КЛУБОТ И ДА ГИ ПРОЧЕШЛААТ НЕГОВИТЕ КНИГИ.

Нема да биде едноставно, не е тајна дека дека има многу Вардари, бришења на Вардари. Многу и чести промени на раководства, Собранија и други такви мајстории. Верувам, сигурен сум дека во нив има и квалитетни луѓе, специјалисти на кои ако им се даде слобода и поддршка, својата работа ќе ја завршат како што треба. Нема да ги наведувам кои се тие надлежни институции. Претпоставувам дека ќе наидат на секаков вид, висок и низок организиран криминал.

Ова е добра можност и добра шанса за и практично да се потврди дека ветувањата за борба против криминалнот и корупцијата се искрени и ќе ја вратат надежта кај народот дека она за што постојано не кара Европа ќе почне да се поправа.

Како главен осомничен за себе барам и се согласувам да се почне од мене, се разбира и од мојот прв стипендиски договор во осумдесетите години па се до денес.

За сето ова погоре за жал дознав викендов и признавам ми се расипа и задоволството да гледам спорт, да уживам во одлични фудбалски натпревари и вчера вечер да уживам во гала претставата што се одржа во хотелот Шалет во Париз. Една гламурозна, спектакуларна промоција на фудбалските оскари, златни топки, сребрени и се по ред, каква и јас впрочем имам во својата колекција. Тоа само го зголемува мојот револт. Мора да признаам дека во еден момент бев во дилема дали да поднесам тужба. Брзо ја отфрлив таа идеја. Не заради недоверба во судството, напротив се откажав од идејата затоа што ќе одев на нивниот терен. Тој простор, ходници, судници е нивниот мегдан, таму се вешти, маестрални се како јагулите во Дрим. Непобедливи. Таму би ме здробиле, би ме победиле со троцифрен резултат. Праксата во овие дваесет години го покажала и докажала тоа, затоа се определив за претходно посоченото решение.

Во соопштението или кој враг беше тоа има пеколно опасни индиции дека на Вардар уште еднаш му се подготвува нешто гадно. Можеби конечниот удар или ѕвоното на последниот фајронт. Зошто секогаш кога најавувале на големи ѕвона нови богати инвеститори, милионери, милијардери, спасители како тие самите, Вардар брзо пропаѓал и само го зголемувал својот долг на и онака блокираната сметка од пред дваесет и пет години.

Затоа тука завршувам. За не помалку важните прашања, интересните нови сознанија и документи што ми беа доставени и особено за двете најбитни работи кои што во последен момент можат да ја сменат ситуацијата во полза на клубот кој што долго се наоѓа во агонија, во следните соопштенија.

НА САМИОТ КРАЈ, ПРЕВАРАНТИТЕ УШТЕ ЕДНАШ СЕ ОБИДЕЛЕ ДА ЈА ИЗМАМАТ ЦЕЛОКУПНАТА ЈАВНОСТ, ЛАЖНО СЕ ПРЕТСТАВИЛЕ, ЈА ИЗМАМИЛЕ КУТРАТА МАКЕДОНСКА СПОРТСКА ЈАВНОСТ. СИТЕ ИЗЈАВИ ШТО СЕ ДАВАНИ СЕ ДАВАНИ ОД НЕОВЛАСТЕНИТЕ ЛИКОВИ КОИ ГИ НЕМА НИКАДЕ ВО ЛЕГАЛНИТЕ ДРЖАВНИ КНИГИ ВО СПИСОКОТ НА ВАРДАР. ГО ПОВТОРИЛЕ ДЕЛОТО ИЗМАМА.

Продолжува...                                                                                                   

Со почит,

Дарко Панчев“

Миленко Неделковски: На Панчев, Попов, Седлоски....до крај на живот им е забранет влез на Северна трибина, бидејќи тие го блокираа Вардар.

30 октомври 2024 - 09:15