Маурио Ѕампарини има око соколово за бирање напаѓачи од Латинска Америка и тоа го докажа со различни примери. Почнувајќи од Единсон Кавани, па Абел Хернанез, Хавиер Пасторе, Пауло Дибала па се до Франко Васкез. Овој последниов е на излезна врата од Палермо, а Ѕампарини се очекува да извади одлични пари од него како што направи со претходните.
Во исчекување како ќе изгледа следната сезона нападот на Палермо каде се надеваме дека за прв пат ќе гледаме македонски тандем во Серија А, контроверзниот претседател кој го најави своето заминување е во обид да донесе уште еден фудбалер од Јужна Америка кој можеби ќе биде идниот Кавани или Дибала. Или не?
Се работи за Сантијаго Розалес, напаѓач роден 95-та во Буенос Аирес. Во Аргентина се уште не му ја имаат дефинирано точната позиција. Тие што го гледале како игра како мал велат дека е играч од среден ред со офанзивни задачи, други го сметаат за полушпиц, а трети за крило.
Приказната за Розалес е малку специфична за еден фудбалер кој претендира да заигра во една од најсилните топ 5 лиги во светот. До 2013 година тој работел во фирмата на чичко му како градежен работник, а фудбалот му бил хоби.
Но поранешниот тренер на Алдосиви, Алфредо Берти во една прилика забележал дека детево има одлични квалитети за фудбал и греота е да пропадне таков талент. Сантијаго на 18 години добива шанса да заигра за младинскиот тим на аргентинскиот прволигаш и веднаш се докажал.
Не импресионирал толку со бројот на голови, колку што се покажал со играта и бројот на асистенции. Тоа му донело место и деби во првиот тим во сезоната 2014/2015.
Знаете ли колку е минимална плата овој во аргентинската прва лига? 770 евра, а Сантијаго не зема ниту евро повеќе од тоа. Договорот со Алдосиви му истекува во 2017-та, но неговиот менаџер вели дека постои можност автоматски да му биде продолжен до декември 2018-та.
Во преговарањето за трансфер на поранешниот градежен работник постојат и некои бирократски проблеми кои доколку се решат, тој ќе стане нов соиграч на Трајковски и Несторовски и веројатно ќе добие и побогата Википедија која за сега му е само на шпански.