Овој пат е вистина, почина Мино Рајола

Само два дена откако објавија многу странски медиуми дека е починат, меѓу кои и Газета, а тој самиот демантираше на Твитер, овој пат стигна потврда од семејството.

Мино Рајола заминува млад на 54 години, а фудбалскиот свет го губи еден од најголемите мангупи меѓу менаџерите кој беше цар за скапи трансфери со звучни имиња во големи екипи.

Светската јавност во јануари дозна дека легендарниот фудбалски агент е тешко болен, а само три месеци подоцна, пристигна објава за негова смрт.

Рајола на 28 април на Твитер се пожали дека медиумите втор пат во рок од четири месеци „го умираат“, а третиот пат за жал нема да може да демантира.

„Со неизмерна тага соопштуваме за смртта на најгрижливиот и најневеројатен фудбалски агент каков што беше.

Мино се бореше до крајот со истата сила која ја даваше во преговорите на масите кога ги бранеше нашите фудбалери. 

Мино допре многу животи преку неговата работа и напиша ново поглавје во историјата на модерниот фудбал. Неговото присуство секогаш ќе недостасува.

Мисијата на мино да го направи фудбалот подобро место за фудбалерите ќе продолжи со иста пасија.

Им благодариме на сите за големата поддршка во овие тешки времиња и бараме за почит на приватноста на фамилијата и пријателите во овој момент на тага“, стои во соопштението на неговото семејството.

Рајола има сопруга, две деца, стан во Монтекарло, вили во Амстердам и Мајами, во Вила Марија и Франкавила. Зборувал седум јазици, сите ги научил преку преговори со разни клубови и играчи. Рекол дека англиски научил додека гледал Мики Маус како мал во Холандија.

На почеток на неговата кариера бил претставник на Бергкамп, Вим Јонк и други холандски играчи, а во последнава деценија стана најмоќниот менаџер на светот, агент на Ибрахимовиќ, Погба, Донарума, Халанд, Робињо, Балотели, Лукаку, Де Лихт, Марко Верати, големиот талент на холандскиот фудбал Рајан Гравенберх, Ирвинг Лозано, Моизе Кин, Донјел Мален, Алесио Ромањоли, Нусар Мазрауи, Дензел Дамфри и стотици други играчи.

Првиот сериозен трансфер му бил оној на Павел Недвед од Спарта Прага во Лацио во 1996-та, кој по пет сезони го однесе во Јувентус.

Во 2016-та го спакува кам бекот на Пол Погба во Манчестер Јунајтед од Јувентус за сума од 105 милиони евра.

30 април 2022 - 16:34