Челси само во јануарскиов преоден рок потрошил астрономски 320 милиони евра! Ако на оваа вртоглава сума се додадат и 270 милиони фунти потрошени минатото лето 2022 за трансфери на играчи, тогаш се добива заклучок дека „сините“ потрошиле повеќе дури и од целата ера на Роман Абрамович.
Пазете го податоков: Челси потрошил повеќе пари во јануари од сите вкупно клубови во Ла Лига, Серија А, Бундеслига и француска Лига 1.
„Рекордното трошење од премиерлигашките клубови сезонава е над сè што сме виделе досега претходно“, вели Тим Бриџ од компанијата Делоит Спортс Бизнис Груп.
По доаѓањето на новиот сопственик од САД, Тод Боели, кој го презеде Челси од Роман Абрамович, клубот довел дури 16 нови фудбалери.
Севкупно при Боели Челси потрошил околу 607,3 милиони фунти со пресметка на можни бонуси и плаќање позајмици (539,3 милиони фунти за плати, 55 милиони фунти за евентуални бонуси на новите фудбалери)
Откако новиот сопственик дојде на „Стемфорд Бриџ“, Челси ги потпишал: Денис Закарија, Габриел Слонин, Жоао Феликс, Андреј Сантос, Давид Фофана, Пјер-Емерик Обамејанг, Карни Чуквуемеку, Бенуа Бадијашил, Калиду Кулибали, Рахим Стерлинг, Марк Кукуреља, Весли Фофана, Михаило Мудрик, Нони Мадуеке, Мало Густо.
Клубот од Челси го надмина дури и Реал Мадрид кој во 2019-та година потроши страшни 292 милиони фунти.
КОИ ФУДБАЛЕРИ ЗИМАВА ДОЈДОА ВО ЧЕЛСИ?
- Давид Фофана (центарфор, дојде од норвешки Молде) - 12 милиони евра
- Михаил Мудрик (крилен напаѓач, дојде од украински Шахтјор) - 75 милиони евра
- Жоао Феликс (среден ред, полушпиц, дојде на позајмица од Атлетико Мадрид) - 11 милиони евра
- Нони Мадуеке (десно крило/бек, дојде од ПСВ Ајндховен) - 35 милиони евра
- Енцо Фернандез (среден ред, дојде од Бенфика) - 120 милиони евра, со што е урнат рекордот за најскап трансфер во цела Премиер лига
- Андреј Сантос (среден ред, дојде од Васко да Гама) - 12,5 милиони евра
- Бенуа Бадијашил (стопер, дојде од Монако) - 38 милиони евра
- Мало Густо (десен бек, дојде од Лион) - 30 милиони евра
Вкупно: над 333,5 милиони евра.
НАЈСКАП ТРАНСФЕР - ЕНЦО ФЕРНАНДЕЗ
Челси уште од крајот на декември тргнал во преговори со португалска Бенфика со цел да го купи одличниот млад Аргентинец кој блесна на Светско првенство. Челси се обидувал да издејствува плаќање во неколку рати (транши), но Португалците одбивале и барале 120 милиони евра „сега и тука“.
Челси нудел разни варијанти: од пакет од 90 милиони евра плус играчите Хаким Зиеш и двајца млади фудбалери на позајмица со што се стигнало до вредност од 127 милиони евра, но Бенфика го одбила тоа и барала само „сува пара“.
И плус јавно објави Бенфика дека Енцо останува во клубот најмалку до крајот на сезоната. Аргентинецот ги договорил сите услови со Челси и чекал Португалците да прифатат понуда.
Бенфика стоела на своето се до последниот ден кога Челси решил да ги плати 121 милион евра оддеднаш. Со ова е поставен нов трансфер рекорд во Премиер лига. Претходниот го држеше Џек Грилиш, а сега го држат Челси и Енцо Фернандез.