Островот на кој беснеат француските навивачи

Новата сезона во Лига 1 почна многу неславно. Монако загуби пред своја публика, Ибрахимовиќ промаши пенал, а на Корзика беа повредени 44 полицајци. 

Првото коло во француското првенство стартуваше со интервенција на владата, која побара од фудбалската федерација на оваа земја да преземе строги мерки поради инцидентите кои избија пред и по мечот помеѓу Бастија и Марсеј.

Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека повредени се 44 припадници на полицијата од кои 8 завршиле во болница, а Министерот за спорт се закани дека на виновниците ќе им биде забрането да влезат на стадион.

Опасно на Корзика беше и пред две сезони за време на големото островско дерби помеѓу Бастија и Ајачио. Овие две екипи кои по две години повторно се судрија во прва лига, не одиграа фер плеј натпревар ниту на еден од двата меча.

Ривалството почна на теренот каде се делеа црвени картони, а потоа се префрли на трибините каде летаа факели. Дисциплинската комисија на федерацијата им изрече остри казни и ги затвори вратите на двете дерби пресметки минатата сезона.

Бастија имаше проблеми со своите навивачи и пред шест години, додека настапуваше во втората лига. Кога на гости дојде екипата на Либурн Сент Сурин, цел на расистички напади беше напаѓачот Бубакар Кебе.

Тој не присуствуваше на мечот, но домаќините имаа подготвено банер со навреди за фудбалерот од Буркина Фасо. Мечот доцнеше бидејќи судијата побара банерот да биде отстранет, а Кебе одби да игра на следната пресметка против Бастија. 

Во француската прва лига мирно на трибините не беше ниту лани, а во лошо светло се покажаа навивачите на Сент Етјен кои ги маваа со столчиња фановите на Ница.

Фудбалската федерација на Франција не беше воопшто нежна и им забрани гостински патувања до крајот на сезоната.

Како навивачите на Бастија си заминуваат од гостување против Марсеј.

11 август 2014 - 17:45