Актуелниот англиски шампион, Манчестер Сити минатата сезона постигна рекордни 149 гола на сите натпреварувања, но одбраната не беше на нивото за поголем успех во Лигата на шампионите.
Откако вложи милијарда евра по доаѓањето во Сити, Шеикот Менсур сака по секоја цена во индустрискиот Манчестер да го донесе трофејот од Лигата на шампионите.
За таа цел, летово на Етихад стадионот пристигна, силниот бразилски дефанзивец.како ново големо засилување за новата сезона.
Кога пред 5 години, Порто го елиминираше Манчестер Јунајтед од ЛШ со вкупен резултат 3-2, сите со прст покажуваа кон Фернандо, човекот кој беше како ѕид од кого се одбиваа Руни и Роналдо.
По тој натпревар, Фернандо го доби прекарот Октопод или стоперот со неколку нозе.
„Навивачите ми го дадоа прекарот по безбројните дуели со Руни и Роналдо од кои излегов како победник. Не ми смета кога ме викаат така, тоа е само доказ за мојата добра игра“ - изјави горостасиот Фернандо.
После елиминацијата од Баерн, па потоа и од Барселона, јасно беше дека на Сити нешто му недостига во походот кон врвот на шампионската лига, а тоа е стабилната одбрана.
Ако се знае дека топката ги влече Јаја Туре и Фернандињо повеќе напред, отколку назад, тогаш сигурно е дека Фернандо ќе биде вистинско засилување пред голот на Харт.
„Уште при запознавањето, тренерот отворено ми кажа дека во мене гледаат главен играч кој ќе ја води одбраната. Сити има одличен тим и се надевам дека ќе имаме успешна сезона“ - вели Бразилецот.
За разлика од другите фудбалски ѕвезди од Бразил, кои доаѓаат претежно од Рио де Жанеиро, Сао Паоло и Бразилија, Фернандо потекнува од градот Алто Параизо (Планински рај).
Параизо се смета за вистинска мистерија, затоа што граѓаните редовно пријавувале појава на необични летала. Од таа причина, градот е честа дестинација на туристи од целиот свет.
„Алто Параизо е навистина домаќински град. Секој ќе ве пречека како да сте му најблизок. Убаво е кога гледаш толку туристи на едно место. Сите одат во потрага по НЛО, но да бидам искрен јас никогаш не сум видел таков објект“ - изјавил Фернандо за англиските медиуми.
Ако ве чуди зошто овој 27 годишен “октопод“ не играше на Мундијалот во Бразил, одговорот лежи во суспензијата која ја добил откако на едно интернационално првенство за играчи до 20 години го турнал судијата. Казната истекла, но селекторот Сколари не можел да премине преку тоа.
„Тогаш бев дете, не размислував како сега кога сум зрел човек. Искрено се надевам дека со своите партии во дресот на Сити ќе заслужам место во државниот тим“- заклучува Октоподот Фернандо.
Сега е јасно дека Ван Перси, Дрогба, Руни, Лалана, Санчез и останатите противници од конкурентните тимоти на „граѓаните“ од Премиер лигата ќе имаат тешка работа со бетонски столб.