Од Мајна до Арно, Марин повторно ќе игра покрај река

Некогашниот голем талент во Бундеслигата, Марко Марин не ги исполни очекувањата како неговиот другар и соиграч од Вердер, Месут Озил. Бегалецот од војната во Босна, сега добива шанса во амбициозната Фиорентина каде ќе се обиде да блесне.

Роден 1989. година, од родители Срби во Босна, Марко Марин своите први фудбалски чекори ги направил во Франкфурт, каде се преселиле неговите родители.

За што поскоро да го избегнат воениот метеж во Босна, мајка му Борка нашла работа како болничарка во Франкфурт, каде по кратко време дошле Марко и неговиот татко, Ранко.

Во мирната средина покрај Рајна, Марин својот раскошен талент го покажал во младинските категории на Ајнтрахт.

Во 2005. година, скаутите на Борусија Менхенгладбах ја забележале дарбата на русокосото момче и решиле да го доведат во своите редови со тоа што му понудиле работа и на татко му.

По три години, играчот за врска стана најзаслужен што во 2008. година Борусија Менхенгладбах се врати во Бундеслигата.

Со титулата најдобар млад играч во Германија, Марко Марин во 2009 година за 8 милиони евра заминува во Бремен, каде тренерот на Вердер, Томаш Шаф го пушти во игра со Месут Озил.

Овој тандем се најде и на списокот патници на селекторот Јоаким Лев за Свесткото првенство во Ј. Африка.

Првиот голем чекор го направи Озил кој замина во мадридски Реал, а Марин не успеа да се промовира во лидер на црно – зелените. Во 2012. година, по лично инсистирање на Роман Абрамович, момчето од Босанска Градишка замина во Челси.

Сепак, честите повреди не му дозволија да заигра како што треба на Стемфорд Бриџ. Ниту кај Ди Матео, ниту подоцна кај Бенитез, повремениот германски репрезентативец не успеа да се пронајде, по што следеше позајмица во Севиља.

Малерозниот Марин повредите не го одминаа ниту во шпанскиот клуб, каде се закити со медал во Лигата на Европа, кога Севиља славеше против Бенфика на пенали. Марин влезе во финалето, но го заменија поради повреда во продолженијата.

Летово му заврши позајмицата од Андалузија, но Марин во Лондон наиде на уште пожестока конкуренција, па потрагата за нова екипа беше неизбежна.

Дека се’ уште верува во неспорниот квалитет на Србинот, покажа Винченцо Монтела кој реши да го донесе во Фиорентина. Марин на „Артемио Франки“ дојде како позајмен играч од Челси, кој за година дена ќе добие 5 милиони евра од виолетовите.

11 август 2014 - 14:08