Од играчка, плачка: и Италија тргна по патот на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација точно за десет дена, на ждрепката во седиштето на ФИФА во Цирих на 26-ти ноември од 12:00 часот ќе го дознае ривалот против кој ќе игра на гости во полуфинале на баражот за пласман на Светско првенство.

Едно е сигурно, Македонија ќе биде во групата неносители. Единствено што сега се појави уште еден неочекуван учесник таму - Италија.

Во последното коло од квалификациите, во групата Ц актуелниот шампион на Европа кој пред пар месеци среде „Вембли“ го крена големиот пехар за европски првак откако ја урна Англија во мега финалето, не успеа да ја совлада Северна Ирска на гости и со тоа страшно да си ја закомпликува работата околу визата за Мундијал 2022.

Италија и Швајцарија имаа исто бодови пред последното коло, со тоа што Италијанците имаа подобра гол разлика за 2 погодоци. Швајцарија успеа со 4:0 да ја згроми Бугарија и да го искористи киксот на Италија во Белфаст па да ги прати „аѕурите“ во секогаш драматичното доигрување.

Италијанците имаа посед на топка повеќе од 70% од времето, но не можеа да смислат нешто повеќе за да го најдат патот до мрежата на Северна Ирска.

Во првиот дел италијанската репрезнтација имаше повеќе од игра, но во вториот дел контрите на домаќинот беа уште поопасни, па од сигурен примен гол Италијанците ги спаси Леонардо Бонучи откако Донарума веќе беше предриблан од фудбалер на Северна Ирска.

Аѕурите имаа 12 корнери, 12 шута кон противничкиот гол од кои 6 во рамките, но секогаш домашниот голман беше на место.

„Имаме проблеми со голови и покрај тоа што имаме посед на топка и иницијатива. Северна Ирска се бранеше со цел состав и не ни оди да пробиваме такви одбрани“, објасни Роберто Манчини после разочаровачките 0:0 во Белфаст.

Паралелно Швајцарија ја разби Бугарија со 4:0. Селекцијата предводена од новиот селектор Мурат Јакин мораше да победи што е можно поубедливо за да ја надмине Италија во гол разлика (по бодови беа израмнети), што и Швајцарците го направија. 

„Многу ми е жал, одамна требаше да ја освоиме групата. Си го отежнавме животот и прашањето со квалификации требаше да биде затворено уште пред два натпревари. Имавме шанси, ама не ги искористивме, сега мораме цврсто да стоиме на ное, зошто се уште има можност да се квалификуваме на Светско првенство“, додаде Манчини.