Таткото на Хамес, Вилмар Хамес Родригез исто така бил фудбалски репрезентативец и тренер во младинските категории на Енвигадо, клуб во кој често ќе навраќа и малиот Родригез. Уште на 3 годишна возраст со успех ги имитирал постарите играчи на тренинзите. Татко му го напушта додека бил мал и своето детство го минува со мајка му и кумот Хуан Карлос Рестрепо.
Еден од најзаслужните за откривањето на талентот на Хамес е неговиот чичко, Антонио Родригез, инаку фудбалер на Меделин кој редовно го носел на тренинзи во академијата Толимензе во градот Ибагуе на 3 часа возење од Богота.
Општо познато е дека спрегата меѓу фудбалот и нарко – картелите во Колумбија својата кулминација ја доживува во 90–те години кога се случува и убиството на познатиот фудбалер Андрес Ескобар поради неговиот автогол на СП во САД 1994 година, по што Колумбија беше елиминирана.
Судбината уште еднаш си поигрува со Хамес во 1995 година кога е убиен неговиот чичко, додека бркал крадци на неговиот моторцикл.
Својот раскошен талент, Родригез во целост го покажува на познатиот Пони турнир каде за првпат настапува во 2004 година. Имено, во актуелниот состав на Колумбија дури 12 играчи настапувале на овој турнир на кој секоја година учествуваат најталентираните млади играчи од оваа земја. Фалкао, Гуарин, Ѕунига и Куардадо се само дел од фудбалерите кои умешноста со топката ја покажале токму на Пони купот.
Во ложата за време на натпреварите често седел и Густаво Упегуи Лопез, претседател на прволигашот Енвигадо од Меделин кому Хамез му запаѓа во око при еден гол постигнат од корнер. Контроверзниот Упегуи, во тамошната јавност познат како бос на еден од нарко – картелите во Богота решава да ја превземе грижата за Хамез кој почнува да игра за неговиот Енвигадо. Таквиот потег на Упегуи ќе предизвика бес во Академијата Толимензе која тврдела како Хамез е буквално украден од нивните редови.
За да игра во Енвигадо, Хамез со семејството ќе се пресели во Меделин. За овој тим на Упегуи, Родригез ќе игра 2 сезони а подоцна заминува во Аргентина каде ќе потпише договор со еден од најстарите клубови таму, Банфилд.
По бледата дебитантска сезона во првата аргентинска лига, следува вистински бум кога Хамез во втората сезона ќе биде клучен во освојувањето на историската титула за Банфилд. Запишан е и како најмладиот странец што некогаш настапувал во аргентинското првенство.
Одличните игри за Банфилд ќе бидат препорака за скаутите на Порто кој решава да го купи во 2010 година. За три години со португалскиот гигант, Хамес освои исто толку титули, постигнувајќи 25 гола на 63 натпревари. Од Порто лани Хамес замина во Монако, а во Кнежевството постигна 9 гола на 34 средби. Со 12 асистенции беше најдобар асистент во француското првенство.
Родригез потполно блесна на штотуку завршеното СП во Бразил каде ја доби „Златната копачка“ за најдобар стрелец со 6 постигнати гола. На повидок е негов трансфер во еден од двата шпански гиганти, Барселона која е спремна за него да одвои дури 90 милиони евра.
Хамес е во брак со сестрата на колумбискиот голман Давид Оспина со која има ќерка.