Двојна опасност за противничкиот гол се Џош и Џејкоб Марфи, идните две големи ѕвезди на англискиот фудбал кои имаат по 18 години и кои се уште се дел од младинскиот состав на Норич.
Во сите извештаи за финалниот меч од младинскиот ФА Куп помеѓу Норич и Челси како најзаслужни за победата се издвојуваат браќата Марфи, кои по 30 години пауза му ја вратија радоста на тимот во најстарото престижно фудбалско натпреварување.
Во двете финалиња кои Норич ги доби со вкупен резултат од 4:2, Џош се издвои со гол и асистенција, а неговиот брат Џејкоб успеа да намести два гола. Офанзивната игра на овој тим не може да се замисли без Џош кој игра во нападот и Џејкоб на кој позицијата му е на левата крилна позиција.
Кога треба да се направи избор за најдобар играч на мечот, тешко е да се донесе одлука кога се и двајцата на теренот. Тие беа најдобри и на четврфиналниот двобој против Евертон во кој Џош ги направи сите 4 асистенции, од кои една за неговиот брат кој ја претворил во гол.
„Работевме многу за да стигнеме до ова ниво и за да го подигнеме пехарот, со екстра тренинзи и по завршувањето на тренинг сесијата. Чувството да се освои трофејот е прекрасно. Нашиот следен предизвик се разбира е сениорскиот тим“, вели Џош.
Инаку браќата Марфи настапуваат за селекцијата на Англија до 19 години, а за нив 2013 година е посебна не само поради освојувањето на Купот, туку и поради потпишувањето на првиот професионален договор при самото полнолество.
„Пресреќен сум што ја обезбедивме иднината во нашиот клуб на овие многу талентирани момчиња кои го покажаа својот потенцијал и со напорна работа ги заслужија договорите. Ќе видите, тие за кратко време ќе станат ѕвезди во англискиот фудбал“, изјави тренерот на Норич Крис Хатон.
Екипата на Норич го обезбеди опстанокот во Премиер лигата, а поддршката која ја имаат од тренерот им дава надеж дека уште од наредната сезона ќе им се исполни сонот да заиграат во најелитното англиско натпреварување.