Според податоците на CIES каде е анализирано колкава е минутажата на фудбалерите над 35 години во најсилните пет европски лиги, Серија А е првенството каде играчите во залезот на својата кариера биле најмногу присутни на терен.
Ветераните од италијанското фудбалско првенство оваа сезона одиграле вкупно 53,396 минути. Најстандарден бил голманот на Рома, Морган Де Сантис со 3.240 минути, а високо котира и голгетерот Лука Тони кој на 36 години игра како препороден за Верона и има постигнато 19 голови.
Со 35.901 минута француското првенство се наоѓа на втората позиција на оваа листа, а најдолго на теренот помеѓу нив бил играчот на Евиан, Оливер Сорлин со 3.117 одиграни минути. Во Премиер лигата фудбалерите над 35 години одиграле 27.755 минути, а Хулиан Сперони од Кристал Палас на терен бил 3.330 минути.
Кај Шпанците најстандарден е 38 годишниот голман на Алмерија, Естебан Суарез кој го чувал својот гол 3.240 минути, а во целата лига ветераните одиграле вкупно 23.678 минути.
Во Бундес Лигата, Николче Новески со своите 35 години сезонава од вкупно 33 кола или можни 2970 минути, за Мајнц одиграл 2745 минути. Од него поголема минутажа има само неговиот клупски колега Зденек Поспех и голманот на Нирнберг Рафаел Шафер.