Уште една сензација на Виган

Пред само пет дена Виган го победи Манчестер Јунајтед, а вечерва за прв пат во својата историја славеше во Лондон каде победи на гостувањето кај Арсенал со два гола за 94 секунди.

Екипата на Виган приреди нова сензација. Минатото коло го победи лидерот Манчестер Јунајтед, а во 34-то коло тимот на Роберто Мартинез оствари уште една значајна победа во борбата за спас од испаѓање од Премиер лигата.

Гостите поведоа уште во седмата минута со голот на Франко ди Санто по еден брз контра напад, а по само една минута Жорди Гомез искористи нова лоша реакција на голманот Шчесни и резултатот веќе беше 0:2.

Арсенал намали во 21-та минута преку Томас Вермален, но тоа беше се што тие сторија. Во продолжението од натпреварот домаќините имаа повеќе од поседот на топката, но тешко стигаа до шанси за гол.

Ова беше прв триумф за Виган на натпревар кој се одиграл во Лондон во рамките на Премиер лигата. Со оваа победа екипата на Виган се искачи на 16-та позиција и сега има пет поени предност во однос на Болтон кој се наоѓа во опасната зона.

ПРЕМИЕР ЛИГА – 34. КОЛО:

понеделник:
Арсенал - Виган 1:2

Вермален 21 - Ди Санто 7, Гомез 8

недела:
Манчестер Јунајтед – Астон Вила 4:0
Руни 7п, 75, Велбек 44, Нани 93

сабота:
Норич – Манчестер Сити 1:6
Сурман 51 – Тевез 18, 73, 80, Агуеро 27, 75, Џонсон 92

Сандерленд – Вулверхемптон 0:0

Свонси – Блекбурн 3:0
Сигурдсон 37, Дајер 44, Дан 63аг

Вест Бромвич Албион – Квинс Парк Ренџерс 1:0
Доранс 22

16 април 2012 - 23:32