Фудбалската репрезентација на Нов Зеланд се спрема да го смени прекарот кој е сосема симпатичен и кој датира уште од Светското првенство 1982 година во Шпанија. Имено на тој Мундијал Новозеландците играле во целосно бела опрема поради што навивачите и јавноста ги завикале All White's (Цели во бело).
Интересно, прекарот на шампионската рагби репрезентација на Нов Зеланд гласи All Blacks (носат комплетно црна опрема и по тоа се познати насекаде во светот).
Извршниот директор на фудбалската федерација на Нов Зеланд, Ендрју Пранел за британскиот „Скај Спорт“ рекол дека во моментов актуелна е дискусијата со фудбалските луѓе и локалните политичари за евентуална смена на прекарот зошто фудбалот како што е најпопуларен насекаде во светот, така е популарен и кај нив, па некој би можел во денешно време прекарот All Whites да го протолкува на погрешен начин.
А за промена на прекарот на рагбистите нема ни збор. Тој очигледно не може да биде сфатен на погрешен начин. Овој бран на промени на прекари, имиња и логоа проистекна од САД и тоа во периодот по големите протести во организација на движењето Black Lives Matter. Во САД веќе неколку клубови направија промени. НФЛ тимот Вашингтон и бејзбол клубот Кливленд ги сменија своите прекари зошто наводно биле навредливи за индијанците.