
Триесет и шест годишниот Рамос е апсолутно најисклучуваниот фудбалер во Топ5 европските лиги. Тој минатата сезона беше помалку исклучуван зошто играше помалку, но во саботата ја потврди репутацијата на најредовно „поцрвенет“ фудбалер.
На мечот Ремс - ПСЖ, Серхио Рамос го доби дури 21-от црвен картон во кариерата.
Од почетокот на 2000-те години никој не може ниту „да му се приближи“ на Серхио Рамос на вечната листа на играчи со најмногу црвени картони. Далеку зад Рамос на второ место е неговиот сонародник Алберто Лопо кој во кариерата играше за Еспањол и Ла Коруња и кој добил дури 14 црвени картони. Трет со ист број црвени е познатиот „кољач“ од италијанското првенство Сулеј Мунтари.
На четврто место е Тијаго Мота, уште еден фудбалер од среден ред кој беше задолжен да ја расипува играта на противникот со груби фаули. Мота сега е тренер на италијанска Болоња (викендов играа против стариот добар другар Станковиќ кој од пред неколку дена ја води Сампдорија).
На страна црвените картони по кои е рекордер, Рамос во својата кариера и од своето деби во сезонта 2003/2004 доби дури 222 жолти и 25 црвени картони меѓу домашните првенства и еврокуповите, Европски и Светски првенства на кои одигра неверојатни 668 меча. Во просек добивал повеќе од еден жолт картон на секои три меча.
КОГА БИЛ „НАЈГОЛЕМ КАСАПИН“?
Најлошата негова сезона за картони му е 2007/2008 со неверојатни 17 жолти и три црвени картони на 40 меча. Интересно во неколку сезони Рамос како да созреа па неговиот просек на добиени жолти картони како да опадна значително, но сезонава „доживува препород“.
Серхио Рамос го доби првиот црвен картон сезонава во Лига 1 со ПСЖ што е далеку од алармантно затоа што го доби во 10. коло до кое многу играчи веќе беа исклучувани во Франција.
Инаку во последните 10 сезони парискиот клуб заработил најмногу исклучувања (10) во периодот од 2012/2013 до денес. Најмногу црвени добиле во 2017/2918 (6) и во 2020/2021 (7). Две сезони од овие 10 не беа шампиони на крај (2018 Монако и 2021 Лил освоија титули во Лига 1).