Во една недела Јувентус во Серија А се појави со две лица во однос на остварувањето на рекорди. Од една страна со триумфот над Џенова, Алегри стигна до 13 победи во низа и го сруши рекордот на Конте од 2013/2014.
Од друга страна Јувентус почна да руши рекорди и по број на повреди. Касерес е само еден од многумината кои му ги поматија плановите на Алегри. Во полуфиналниот дуел од Купот на Италија против Интер се повредија Манџукиќ и Азамоа кои имаат проблеми со мускулите.
Минатото коло Јуве му гостуваше на Киево. Алегри на полувреме го извади Кедира веројатно за да го поштеди со оглед на тоа што овој период се игра недела – среда – недела. Но меѓу вчерашните повикани играчи го немаше на листа, заедно со незаменливиот Кјелини. И двајцата истегнале мускули.
Синоќа во 63 минута со солзи на очите теренот го напушти дефанзивецот Мартин Касерес кој ја повреди тетивата и ќе мора да оди на операција. За него сезоната е завршена. Тоа е вкупно 41-ва повреда за фудбалерите на Јуве оваа сезона од кои 29 се поврзани со истегнување мускул.
Во ситуација кога Јуве се бори со големиот број на повреди кои се појавија како нивен нов противник во борбата за титулата, вчера останаа без уште еден играч кој доби црвен картон. Ѕаѕа влезе на почеток од второ полувреме на местото на Мората, но во 91 минута направи старт со две нозе и доби директно исклучување.