После Кина, Хонг Конг и Азија воопшто, големите фудбалски клубови од Европа своите кампови за припреми сè почесто ги селат во САД.
Газдите на Манчестер Сити смислија нешто ново. Тие заедно со бејзбол клубот Њујорк Јенкис склучија договор од 100 милиони долари за основање на фудбалскиот клуб Њујорк Сити.
Тоа ќе биде втор клуб од овој град, по веќе популарниот Њујорк Ред Бул стациониран во областа Харисон во Њу Џерси, а ќе биде дел од МЛС лигата од март 2015 година како 20-ти клуб.
Мнозински сопственици на клубот ќе бидат првите луѓе на Сити, кои од англискиот клуб направија шампионска екипа, а додека се гради новиот стадион, екипата како домаќин привремено ќе настапува на терен близу Флешинг Медоус.
„Њујорк е легендарен спортски град, а ние го одбравме најдобриот спортски партнер во светот, Јенкис, кои ќе помогнат во намерата Њујорк да има и познат фудбалски тим" – изјави Феран Соријано, поранешен потпретседател на Барселона, а сега директор во Сити.
За клубот што побрзо да се крене во МЛС лигата, Соријано вели дека многу талентирани млади играчи од академијата на Манчестер Сити ќе одат на калење во Њујорк Сити.
Летово за Њујорк Сити потпишаа Давид Виља и Френк Лампард, ветерани кои годинава ќе ја минат на позајмица во Мелбурн, а потоа ќе се вратат во градот кој никогаш не спие.