Диличукву Онјединма, претседателка на женската фудбалска лига на Нигерија и членка на управниот одбор на фудбалската федерација, потврди дека на годишното собрание на федерацијата била донесена одлуката за целосна забрана на лезбејки во нигерискиот фудбал.
„Секоја фудбалерка за која ќе дознаеме дека е лезбејка, ќе биде суспендирана. Ќе разговараме со претседателите на клубовите и тие во иднина ќе треба да ги контролираат фудбалерките", изјави Онјединма.
Во јуни 2011-та година, пред почетокот на Светското првенство за жени во Германија, селекторката на Нигерија крена многу прав околу оваа тема. Таа тогаш изјави дека „со Божја помош фудбалот треба да се исчисти од лезбејки", а од фудбалската федерација на Нигерија потврдија дека во минатото неколку фудбалерки биле исфрлени од репрезентацијата затоа што биле лезбејки.
Хомосексуалците во Нигерија имаат огромни проблеми и тие постојано се мета на насилство. Во северните делови од државата каде живеат муслимани, на хомосексуалците им се пресудува и со смртна казна.