Нигериецот кој влегол во игра без знаење на тренерот и го дотолчил Тотенхем

Имавме јутјубер кој упадна на терен во дрес на Англија, па потсетивме на една слична поуспешна епизода на одбојкарски натпревар. А сте чуле ли до сега фудбалер сам да си влезе во игра?

Сторијата датира од 1995-та и тоа не од некоја бавча лига, туку од ценетиот ФА Куп и тоа полуфинале меѓу Тотенхем и Евертон.

Гостите имале 1:2 и во моментот кога Пол Рајдаут морал да го напушти теренот поради повреда, се случила невидена работа.

Нигерискиот напаѓач Даниел Амокачи скришно се шмугнал во игра во 71-ва минута, без да го видат тренерот и четвртиот судија.

За приказната да биде поуспешна и позабавна, се погрижил самиот тој со два комада за 9 минути и победа на Евертон од 1:4, вредна финале.

„Така требаше да биде, бидејќи ако не постигнев гол, веројатно тоа ќе беше мојот последен натпревар за Евертон. Сите знаеја дека сум во добра форма. Отидов кај помошникот тренер и му реков дека им требам на терен. Кога ќе погледнете наназад на клипот, можете да видите колку бесен беше тренерот Џо Ројл. Го погледнав назад, но веќе го направивме тоа, ако ме повлечеш, ќе играме со еден помалку“, раскажува јунакот.

Евертон во финале го совладал Манчестер Јунајтед со 1:0, а Акомачи станал прв Нигериец со трофеј во ФА Купот.

Инаку Амокачи одиграл две сезони за Евертон каде пристигнал од Клуб Бриж за 3 милиони фунти, а потоа играл уште и за Бешикташ. Направил куса кариера од само 10 сезони и со фудбалот раскрстил на 27 години.

Паднал на медицински прегледи во Минхен 1860, а имал обиди да продолжи да игра во уште неколку екипи, кои откако виделе дека не е физички спремен, не му дале договор.

Има два големи репрезентативни успеси. Во 1994 го освоил Купот на Африкански нации, а во 1996 стигнал до златниот олимписки медал.

„Најголемата замена што никогаш не сум ја направил“, изјавил подоцна тренерот на Еверртон, Џо Ројл.

 
14 септември 2024 - 08:19