Незадоволни со реми во Шкотска

Добрата игра во Хрватска ни влеа самодоверба, а сега веќе и ни се дигнаа акциите, па селекторот Чедомир Јаневски не е задоволен со нерешен резултат на гостување во Шкотска. Со право! Тоа е менталитетот кој ни недостасуваше.

Чедомир Јаневски на функцијата селектор на фудбалската репрезентација на Македонија е три недели и имаше само три дена за тренинзи и запознавање со играчите, но тој направи чудо. Новиот селектор успеа да ја препороди репрезентацијата и да ја врати вербата на навивачите во националниот тим.

Капитенот на хрватската репрезентација, Дарио Срна беше во право кога по натпреварот во Загреб изјави дека Македонија е незгодна репрезентација и на сите ќе им го загорчи животот. Тоа се потврди и на натпреварот против Шкотска кога македонските фудбалери го надиграа противникот, па Јаневски со право беше незадоволен од резултатот.

Мислам дека моите фудбалери заслужија да им честитам за добрата игра. Штета што во Скопје нема да се вратиме со три поени затоа што имавме две или три големи шанси", изјави Јаневски по натпреварот.

Можам да бидам задоволен од прикажаното од страна на моите играчи, но не сум задоволен со еден поен. Изборот на шкотскиот голман за играч на натпреварот од страна на нивните медиуми кажува се", додаде македонскиот селектор.