Незаборавниот 14-ти март за човекот кој изненади во Лигата на шампионите

Презимето Инѕаги е синоним за славниот Пипо, кој знаеше како да се намести во шеснаесетник онаму каде што е топката. Но една ноќ на Олимпико, Европа слушна и за неговиот помал брат кој одигра меч кој денеска го вбројува на една листа заедно со Меси, Шевченко, Роналдо, Нистелрој...

Споредба меѓу Симоне и Пипо Инѕаги нема потреба да се прави. Пипо беше далеку полукав и попргав во напад и направи многу поголема кариера. Освои 10 трофеи со Милан, 3 со Јувентус и постигна 288 голови во кариерата. Симоне остана на скромни 90 погодоци и солидни 7 трофеи со Лацио.

Но 4 од тие 90 погодоци му се посебно драги, бидејќи се историски и неповторливи, а се постигнати на само еден натпревар во Лигата на шампионите. Се работи за меч одигран на денешен ден пред точно 17 години кога Олимпик Марсеј вкупно пет пати ја вадеше топката од гол на гостувањето против Лацио. Еднаш од Ален Бокшиќ и четири пати од Инѕаги.

Со тој подвиг, Симоне Инѕаги тогаш стана вториот фудбалер во историјата на најелитното клупско европско натпреварување (откако се вика ЛШ) кој успеал да постигна 4 погодоци на еден натпревар. Прво му успеа на легендарниот Марко Ван Бастен, потоа се чекаше седум години, а по Инѕаги се наредија деветмина, сите големи имиња.

„Јас сум единствен Италијанец кој постигнал 4 гола на еден меч во ЛШ“, изјави Инѕаги, а така е и до ден денес и по 17 години.

Рекордерот меѓу Италијанците во Лига на шампиони не го бива за големи изненадувања само како играч. Сезонава одлично ги демонстрира и тренерските квалитети во клубот каде се прослави како играч. Тој без никакво претходно тренерско искуство во сениорска конкуренција гази во Серија А на високото четврто место со 17 победи, 5 нерешени и 6 порази.

Последна жртва беше неговиот колега од шампионската генерација на Лацио, Синиша Михајловиќ кој синоќа со Торино си замина со пораз од 3:1



Фудбалери со 4 гола на еден натпревар во ерата на ЛШ

Марко Ван Бастен (Милан), 4:0 vs Гетеборг – групна фаза 1992/1993
Симоне Ингаѕи (Лацио), 5:1 vs Марсеј – втора групна фаза 1999/2000
Дадо Пршо (Монако), 8:3 vs Депортиво Ла Коруња - групна фаза 2003/2004
Руд ван Нистелрој (Манчестер Јунајтед), 4:1 vs Спарта Прага – групна фаза 2004/2005
Андриј Шевченко (Милан), 4:0 vs Фенербахче, групна фаза - 2005/2006
Лионел Меси (Барселона), 4:1 vs Арсенал – четвртфинале 2009/2010
Бафетимби Гомис (Лион), 7:1 vs Динамо Загреб - групна фаза 2011/2012
Марио Гомез (Баерн Минхен), 7:0 vs Базел – осминафинале 2011/2012
Роберт Левандовски (Борусија Дортмунд), 4:1 vs Реал Мадрид, полуфинале 2012/2013
Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ), 5:0 vs Андерлехт, групна фаза 2013/2014
Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), 8:0 vs Малме, групна фаза 2015/2016

Фудбалери со 5 гола на еден натпревар во ерата на ЛШ

Лионел Меси (Барселона), 7:1 vs Баер Леверкузен, осминафинале, 2011/2012
Луиз Адријано (Шахтјор Доњецк), 7:0 vs БАТЕ Борисов, групна фаза, 2014/2015

Покерот на Симоне против Марсеј

14 март 2017 - 13:32