„Четири меча правам сè за да постигнам гол. Имаше стативи, одбрани, поништени голови и конечно успеав, но жал ми е за поразот“.
Вака го почнува интервјуто наш Иле за Газета дело Спорт, кој за жал не ја држи истата форма од времето во Палермо, но еве му тргна по малце. На гостувањето против Сампдорија кое го загубија со 2:1, прво даде гол во 3-та, па во 28-ма минута. Првиот му го поништија со ВАР.
„Во прво полувреме игравме само ние, но за жал црвениот картон го смени мечот. Сега мораме добро да го спремиме натпреварот против Лацио во недела“.
Целите за оваа сезона?
„Мојата цел е да стигнам до 10 гола. Тоа би било сон. Во Хрватска со Интер Запрешиќ бев најдобар стрелец три сезони по ред со 20, 24 и 25 гола. Шест сезони по ред постигнувам двоцифрен број на погодоци. Сега кога веќе имам поголема минутажа, очекувам тоа да го повторам. Се борам 100% за место во прв состав, што не е лесно, но целта е таа“.
Идол?
„Идол сум самиот на себе“.
Зошто после распадот на Палермо се одлучи за Удинезе?
„Знаев каков клуб е и сега гледам како е организиран. Ништо не ни фали, се грижат и за најмали ситници, ние треба да мислиме само на играта. Бубњиќ и Перица секогаш ми зборуваа позитивно и плус со семејството сакавме да останеме во Италија“.
Што се смени со Готи откако си замина Тудор?
„Во тешки моменти ни внесе многу смиреност и знаеше да ги избере точните зборови. Има начини на работа кои му се допаѓаат на клубот и ги слушна сите важни играчи“.
Шансите на Македонија за ЕП?
„Ќе се обидеме на сите начини да се пласираме. Добар тим се и се искачивме и на ранг листата. Елмас е многу јак, има карактер и веќе три години е со нас во репрезентација. За да објаснам каков е, ќе кажам само дека во глава му е за три години да ја освои Златната топка. Пандев пак и мене ме импресионира секој ден. Се движи накај 37 години и кога ќе дојде во репрезентација едвај чека да тренира. За нас тој е симбол“.
И на крај за Палермо каде постигна 38 голови на 91 меч.
„Ги следам секогаш и за среќа добро им оди. Не го заборавам минатото и поради тоа му се заблагодарувам на Маурицио Ѕампарини кој ме донесе во Италија“.