Пред неколку дена даде изјава во свој стил во врска со актуелната состојба на натпреварите на Лацио кои навивачите ги бојкотираат.
„Фудбалот без навивачи е срање. Што мислите вие? Би рекол дека е подобро да се остане дома. Подобро е да се прошетаат кучињата,“изјави стратегот на Лацио.
Гатузо летово стана тренер на Лацио после фијаското со Италија пролетта. Почна катастрофално, со елиминација во првото коло во Купот од второлигашот Мантова, но во Серија А има одличен старт со 10 бода во првите 4 кола и ниту еден пораз.
Но проблемот е што се соочува со празни трибини и многу слаба поддршка на домашните натпревари. Продажбата на сезонски билети падна од речиси 30.000 минатата година на помалку од 4.500.
Ова е чин на протест насочен конкретно против сопственикот на клубот, Клаудио Лотито. Навивачите во голема бројка патуваа на гостувања, дури и на неатрактивни пријателски натпревари пред почетокот на сезоната, со што ја зацврстуваат пораката дека сè уште се грижат за својот клуб, но не сакаат да го поддржат човекот што управува со него.

Судирот со Лотито не е нов. Во јануари, на платформата Change.org беше објавено отворено писмо во кое тој се обвинува дека им го ускратил правото на навивачите да сонуваат за трофеи во текот на повеќе од двете децении додека е сопственик.
„Поминаа години, речиси седум, откако последен пат освоивме трофеј“, се вели во петицијата, потпишана од повеќе од 45.000 луѓе. „Тоа се години во кои не ангажиравме фудбалер што би ги разгорел срцата на навивачите, и млади и стари.“
Нивните незадоволства имаат повеќе слоеви. Писмото се осврнува на начинот на кој клубот постапил во врска со комеморацијата за Винченцо Папарели, навивач на Лацио кој загина откако бил погоден од сигнална ракета испукана од трибината на навивачите на Рома за време на дербито во 1979 година. Лотито беше обвинет дека ѝ ја ускратил можноста на внуката на Папарели да излезе на теренот за време на еден настан минатиот ноември.
Тој ја негираше таа верзија со образложение дека вистинскиот проблем бил тоа што четворица претставници на организираните навивачки групи сакале да одат заедно со неа.
Навивачите стојат силно против Лотито и поради други причини. Го обвинуваат дека не му посветува доволно внимание на клубот бидејќи е фокусиран на други работи. Тој е активен во политиката, а во 2022 година беше избран во италијанскиот Сенат.

Во 2011 година го купи фудбалскиот клуб Салернитана и во текот на следните 10 години му помогна да напредува од Серија Д до Серија А, по што беше принуден да го продаде поради судир на интереси.
Оттогаш, правилата се изменети со цел да се спречи истовремено сопствеништво на два клуба во првите три лиги, но тоа не го спречи ова лето да ја преземе Реџина, клуб од четвртата лига.
Тврдењата на лацијалите се дека таквите инвестиции го спречиле да ангажира звучни имиња по кои копнеат тие и кои редовно доаѓале да играат на Олимпико во минатото.
Но ситуацијата со купување играчи Лотито целосно ја искомпликува. Минатата сезона клубот доби забрана за трансфери поради неисполнување на барањата за ликвидност воведени од Италијанската фудбалска федерација.
Справувањето со тие правила наложи продажба на низа важни играчи. Во јануари годинава си заминаа Тати Кастелјанос и Матео Гендузи, а ова лето истото го направија Марио Хила, Алесио Ромањоли и Иван Проведел.

Сепак, откако беше укината забраната за трансфери, Лацио направи неколку одлични потези на пазарот. Централниот дефанзивец Данилхо Доеки пристигна од Унион Берлин како слободен играч, напаѓачот Алберт Гудмундсон дојде на позајмица од Фиорентина, исто како и Давиде Фратези од Интер.
Последниот од нив изгледа како одлична зделка. Позајмицата чинеше само 5 милиони евра, со право на откуп за 10 милиони евра следната година.
Фратези го чинеше Интер повеќе од двојно повеќе кога го купија во 2023-та како афирмиран играч во Сасуоло. Го држеа три години како замена за Барела, Чалханоглу и други во исклучително силниот среден ред.
Фратези постигна 3 гола во првите 3 кола: победнички погодоци против Болоња и Џенова, а потоа и водечки гол во победата од 2:1 на гостински терен против Удинезе.
Лацио беше блиску до 4 од 4, но против Милан одигра со две лица. Одлично прво полувреме во кое имаше водство од 2:0 и катастрофално второ полувреме во кое прими 2 гола за конечни 2:2.

Дали работите ќе се одвиваа поинаку на стадион преполн со навивачи на Лацио, наместо тоа да делува како втор домашен терен за Милан?
„Можеби со нашите навивачи овде ќе успеевме да издржиме“, изјави капитенот Ѕакањи.
Лацио на овој меч сепак имаше поддршка само на трибината каде обично не се сместуваат ултраси, но Курва Норд остана празна.
„Не верувам дека некој е задоволен од оваа ситуација. Сите сакаат да дојдат на стадион, да има 50.000, 55.000 луѓе. Мислам дека навивачите што дојдоа го препознаваат она што играчите им го даваат. Тоа што не се откажуваат и гордо го носат дресот. Така јас гледам на тоа. И тоа ме трогна денес, да ги видам луѓето што дојдоа. Фудбалот не е фудбал без навивачи.“, рече Гатузо
За тим што изгуби неколку првотимци во текот на летото, што почна со елиминација во Купот од клуб од Серија Б во август и чии навивачи одбиваат да влезат на сопствениот стадион, оваа сезона ги надмина очекувањата на стартот.