Нема повеќе гратис автограми од Ламин Јамал

Им даваат катаљарда евра во клубовите од плата, разни бонуси, клаузули и слично, потоа купишта пари од комерцијалните договори, а сега и од автограмите почнаа да прават бизнис.

Јамал најверојатно повеќе нема да потпишува дресови и маици на навивачи. Младата ѕвезда на Барселона има понуда својот потпис да почне да го наплаќа со тоа што ќе го пласира во продажба.

Што нема да им текне. Понудата ја добил од веб-страница специјализирана за продажба на облека и реквизити на спортски ѕвезди со автограми.

Според пишувањата на Мундо Депортиво, тој има намера да ја прифати и затоа добил насоки од луѓето што ги управуваат неговите рекламни договори да престане да потпишува автограми. 

Тој ќе смее да се фотографира со навивачите, но не и дава автограми, објаснуваат клупски извори за шпанскиот портал, бидејќи и самата Барселона исто така бара потписи од своите играчи за разни цели.

Агенцијата што се занимава со рекламирањето на Ламин, преговара со компанијата што ќе ги пласира на пазарот неговите потпишани предмети (копачки, маици и друга спортска опрема).

Колку помалку предмети потпишани од него има на пазарот, толку повреден ќе биде неговиот потпис. Оттука и е упатството на 18 годишникот да не потпишува повеќе автограми. 

Секој што сака да има предмети потпишани од него, мора да го стори тоа преку веб-страницата со која договорот е пред официјализирање.

 

Овој вид маркетинг со автограми од ѕвезди е доста чест на американскиот пазар, особено кај НБА ѕвездите. Пример е Леброн Џејмс. 

Барселона го прифатила ова, затоа што се свесни за феноменот Ламин и се горди што тој е навивач на Барселона, со кој неодамна го обнови договорот.

Ламин Јамал веќе е заштитно лице на неколку моќни брендови, како Адидас, Битс, Пауерејд, Опо, Конами и Несквик, покрај тоа што е амбасадор на УНИЦЕФ.

Кај знае дете од 18 години колку се 43 милиони долари?

17 октомври 2025 - 13:58