Некогашниот играч на Приштина и на Динамо Загреб, Агим Цана по прекинатиот меч во Белград даде неколку изјави во кои прилично експлицитно ги навредуваше Србите, а сега ги смирува страстите. За Спортски журнал вели дека многу му е драг српскиот селектор Радован Чурчиќ.
„Сè ќе помине во духот на фер-плејот, сигурен сум во тоа. Во прашање е спорт. Луѓето кои што не заслужуваат да бидат на трибините, нема ни да бидат. Ова не е војна. За мене светски човек е Радован Чурчиќ, селекторот на Србија, после изјавите кои ги даваше во последните денови. Кога ќе го сретнам, ќе клекнам, ќе му честитам и ќе го бакнам. Прав спортист е. Со резерва ја прочитав изјавата на голманот Владимир Стојковиќ која се провлекува по нашите медиуми за некаква најава на неспортски случувања“, вели агентот и таткото на Лорик Цана, Агим Цана.
Еден од попознатите албански фудбалери во минатото со успех го носел дресот на Динамо Загреб. Денес од Елбасан пренесува дека српските репрезентативци нема од што да се плашат, затоа што, додава, откако постои Албанија никакви екцеси немало.
„Имам информација дека се ангажирани 1.500 полицајци. Војската нема потреба да доаѓа на натпреварот. Цивилизирани луѓе сме. Претходно репрезентациите доаѓаа во Тирана и нè победуваа со по 2-3 гола разлика, но секогаш сме ги испраќале со аплауз.
На прашањето дали очекува најмногу на удар да биде фудбалерот на Генк, Стефан Митровиќ кој го спушти знамето со дронот на првиот меч во Белград, Цана вели дека не би требало да се очекува нешто такво.
„Сè ќе мине во најдобар ред. Стефан Митровиќ се обиде да ја смири ситуацијата, кај нас така гледаме на таа реакција. Александар Митровиќ направи грешка кога удри наш фудбалер за време на прекинот во Белград, додека сите останати на чело со Ивановиќ и Коларов ги смируваа страстите и ги бранеа нашите играчи. Само Митровиќ се правеше нешто паметен, што апсолутно не е во ред. Сепак, сè е заборавено и сега сме свртени само кон фудбалот“, констатира Агим Цана.
Мечот Албанија - Србија се игра вечерва од 20:45 во Елбасан.