Недопирливиот Дани Алвеш

Капа доле за кариерите на Пеле, Марадона, Ди Стефано, Пушкаш, Кројф, Еузебио, Герд Милер, Малдини, Меси, Роналдо, Зидан, Роналдо и компанија. Сите вие сте кралеви на фудбалот, ама не можете да се носите со Дани Алвеш, барем во еден параметар.

Освен што треба да те бива за фудбал, требаш да имаш и среќа и да се најдеш на вистинското место во вистинското време како што се најде Пандев во Интер.
 
Е така најмногу му се погоди на Дани Алвеш, човекот кој ноќта во саботата стана најтрофејниот играч во историјата на фудбалот.
 
ПСЖ го совлада Монако 3:0 во финалето од Лига Купот и стигна до 35-от трофеј во своето 47 годишно постоење, а Дани Алвеш до трофејот број 36 во својата 34 година од животот или поточно 17-та откако почна да игра фудбал во сениорска категорија.
 
Со овој пехар тој ги мина легендите Рајан Гигс и Кени Далглиш кои кариерата ја завршија со по 35 трофеи. За споредба Ибрахимовиќ има 31 трофеј, Меси 30, а Роналдо 25.
 
Од пензионираните легенди, Еузебио има 31 трофеј, Пеле 29, Малдини 25, Ди Стефано 23, Кројф 21, Марадона 10...
 
Со оглед на тоа што ПСЖ во првенството му бега на Монако 17 бода, Дани Алвеш сигурно ќе стигне до 37 трофеи уште оваа сезона, а во игра е за уште еден затоа што ПСЖ на 18 април ќе игра полуфинале во националниот Куп против Каен.
 
Круна на кариерата би бил златнипт пехар со Бразил на Мундијалот во Русија.
 
Ова се сите трофеи на десниот бек на ПСЖ:
 
БАХИА
Куп Нордесте: 2002
СЕВИЉА
Копа Дел Реј: 2006/2007
Супер Куп на Шпанија: 2007
Куп на УЕФА (2): 2005/2006, 2006/2007
Супер Куп на УЕФА: 2006
БАРСЕЛОНА
Ла Лига (6): 2008/2009, 2009/2010. 2010/2011, 2012/2013, 2014/2015. 2015/2016
Копа дел Реј (4): 2008/2009, 2011/2012, 2014/2015, 2015/2016
Супер Куп на Шпанија (4): 2009, 2010, 2011, 2013
Лига на шампиони (3): 2008/2009, 2010/2011, 2014/2015
Супер Куп на УЕФА (3): 2009, 2011, 2015
Светско клупско првенство (3): 2009, 2011, 2015
ЈУВЕНТУС
Серија А: 2016/2017
Куп на Италија: 2016/2017
ПСЖ
Лига Куп: 2017/2018
Супер Куп на Франција: 2017
БРАЗИЛ
Копа Америка: 2007
Куп на Конфедерации (2): 2009, 2013
2 април 2018 - 11:45