Не играа најдобрите, победија најмотивираните

Без Горан Пандев и без уморните, повредени, казнети и недисциплинирани фудбалери, но со борбени и мотивирани играчи со желба за победа, македонската фудбалска репрезентација го оствари првиот триумф во квалификациите за СП 2014.

Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари првата победа во квалификациите за Светското првенство кое во 2014-та година ќе се одржи во Бразил.

Прва победа во квалификациите и прва победа за селекторот Чеде Јаневски. Многумина се сомневаа во неговиот избор и очекуваа нов пораз без Горан Пандев и со толку многу измени во составот. Сепак Јаневски ја увери македонската фудбалска јавност дека на теренот не победуваат „најдобрите", туку „најмотивираните", односно оние најборбените кои националниот дрес го потат барем колку и клупскиот.

Јаневски направи целосен ремонт на тимот кој загуби од Хрватска. На голот беше Пачовски, а во одбраната Лазевски и Грнчаров. Во средниот ред играа Глигоров, Тасевски и Хасани а во нападот Ивановски.

На клупата ги немаше ни Попов и Ристиќ кои добија шанса на претходните дуели и сега за нив било под чест да бидат резерви.

По тактичкото надмудрување во првото полувреме кое главно се одвиваше на средината од теренот, клучниот момент од средбата се случи по 13 минути од вториот дел. Агим Ибраими одлично го проигра Ферхан Хасани кој излезе сам пред голманот Бркиќ, но беше соборен во шестнаесетникот. Судијата покажа на белата точка, а Ненад Томиќ заработи црвен картон. Агим Ибраими беше сигурен реализатор на најстрогата казна за водство на Македонија.

До крајот на натпреварот четата на Јаневски успешно ја контролираше играта на теренот и го одбранија водството за прва победа над Србија во историјата на македонската фудбалска репрезентација.

По четири одиграни натпревари табелата во групата А изгледа вака:

1. Белгија 10
2. Хрватска 10
3. Србија 4
4. Македонија 4
5. Велс 3
6. Шкотска 2

Следниот натпревар Македонија ќе го одигра на 22 март кога во Скопје ја пречекуваме репрезентацијата на Белгија.

фото: fifa.com/AFP Robert Atanasovski