Един Џеко и Стефан Раду добија заслужени црвени картони во четвртфиналето од Купот на Италија, ама целосно неразбирливи суспензии од Фудбалската федерација на Италија која очигледно има двојни аршини околу висината на казните.
Најсрамниот чин сезонава во италијанскиот фудбал го направи Един Џеко на дуелот Фиорентина – Рома. Поради несогласување за судиска одлука го плукна судијата в лице, потег кој не се сеќаваме кога последен пат сме го виделе во било кој спорт. Имало плукање на играчи, ама не и на судии.
Еден ден подоцна на дуелот Интер – Лацио, Раду дрско протестираше кај судијата поради досуден пенал за Интер во 121-ва минута и доби црвен картон.
За нелогичноста да биде голема се погрижија луѓето од дисциплинската комисија кои се одлучија за следниве суспензии: Две кола пауза за Џеко, четири кола за Раду.
Тоа значи дека во италијанскиот фудбал поголем грев е да протестираш за пенал и да пцуеш судија отколку да го плукнеш во фаца.
Казната на босанскиот репрезентативец уште повеќе се коси со логиката, бидејќи за истиот гест во септември минатата година Даглас Коста беше суспендиран со четири кола на дуелот со Сасуоло. И тоа фудбалерот на Јуве плукна играч, а напаѓачот на Рома официјално лице.
А што би рекла УЕФА за казната на Џеко? Кога Синиша Михајловиќ го плукна Адријан Муту на меч од Лига на шампиони, доби суспензија од осум кола.
И со ВАР и без ВАР, една сезона не може да мине во Италија без низа контроверзи.